Јанакиески-Мујота: Соработка во транспортот за зајакнување на економските врски во регионот

Можностите за соработка во изградбата на делницата Скопје-Блаце и регулирањето на меѓународниот превоз во патниот сообраќај меѓу Македонија и Косово, беа тема на денешната средба  во Приштина на  македонскиот и на косовскиот министер  за транспорт Миле Јанакиески и Фехми Мујота. 

Министерот Јанакиески го информира својот косовски колега дека за делот на патот кој е од македонска страна веќе е изготвен проект и истакна дека заедничката соработка ќе придонесе кон побрза реализација на овој значаен инфраструктурен проект, соопшти Министерството за транспорт и врски.  

Соработката во транспортот, според Јанакиески, дополнително ќе ги зајакне економските врски во регионот, а подобрената патна инфраструктура ќе придонесе за  побрз протек на сообраќајот и непречено одвивање на патничкиот и товарниот транспорт.

На средбата на Јанакиески и Мујота е договорено во тек на следниот месец да се одржи работна средба на мешовита комисија за меѓународен патен сообраќај за стока и патници. На средбата треба да биде дефиниран текст на спогодба за меѓународен превоз во патниот сообраќај меѓу Македонија и Косово со што дополнително ќе се промовира заеднички поволен развој на трговските и економските односи и ќе се подобри и регулира меѓународниот патен превоз на патници и стока помеѓу двете земји, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.