Министерството за финансии ќе ги намали каматните стапки на државните записи

Намалување  на каматата на државните записи најави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој смета дека тоа ќе даде импулс на банките повеќе да пласираат пари во стопанството.

 - Сметам дека се создадени условите за дополнително намалување на каматните стапки. На првата наредна аукција кога ќе ги објавиме државните записи ќе имаат пониски каматни стапки. Ова го прави Министерството за финансии за да влијае и да прати сигнал до банките поголем дел од средствата да пласираат во стопанството преку кредити, или да ги намалат сопствените каматни стапки. Најдобро би било двете работи заедно да ги направат, изјави Ставрески денеска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на царинскиот терминал во Прилеп.

Тој додаде дека вообичаено е банките да ги следат сигналите на монетарната власт, зашто има намалување на каматните стапки на референтните благајнички записи на Народна банка, а сега еве и на државните записи.

Вицепремиерот смета дека општите услови и ликвидноста на банките дозволуваат да има намалување на каматните стапки.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали со постапката за одземање на дозволата за пренос на гас на мешовитата компанија “Гама” се прави монополска ситуација, Ставревски  рече дека не се заканува одземање на дозволата на компанијата “Гама” за пренос на гас, туку дека станува збор за дозволата за системски оператор  за што компанијата не ги исполнува законските прописи.

- “Гама” има дозвола за пренос на гас и за систем оператор. Станува збор за дозволата за систем оператор за што „Гама“ не ги задоволува законските услови. А тоа е најмалку 51 отсто операторот  да биде во државна сопственост или да премине во Јавно претпријатие. Од тие причини, во овој период “Гама” работеше колку да не дојде до прекин на испораката на гас. А ја имаше дозволата за систем оператор зашто законот налага, иако не ги исполнува условите, во одреден временски период, додека не се создаде ново претпријатие за да ги извршува обврските на систем оператор, “Гама”да ги преземе тие должности додека не се создаде ново претпријатие само за да нема прекин на испораката на гасот. Таа испорака, неспорно, “Гама” ќе продолжи и во иднина да ја прави, изјави Ставревски.

На прашањето за динамиката за исплатата на платите за вработените во загубарот “Охис”, Ставревски смета дека Владата ќе најде можност да исплати една плата со ребалансот на буџетот, а потоа да дојде процесот на продажба на Охис.

- Во “Охис” има повеќе проблеми. Не е само проблем исплата на заостанатите плати, туку и ликвидноста на фирмата и наоѓањето пазари. Се надевам дека Владата ќе изнајде сили за исплата на една плата на вработените, но по ребалансот на буџетот, за потоа да се бара инвеститор со што ќе се решаваат другите проблеми, па фирмата сама ќе може да им исплаќа плати на врабтените, изјави Ставревски најавувајќи, генереално, дека има повеќе заинтересирани фирми за “Охис”.

Ставревски вели дека нема моменти за прилепските загубари Тутунскиот комбинат и “Еурокомпозит”.