Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари проштална средба со амбасадорот на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Русос Кундурос.
Османи изрази благодарност за несебичниот ангажман на амбасадорот Кундурос и неговите цврсти заложби за негување и зацврстување на пријателските и партнерски врски меѓу Северна Македонија и Грција, како и за неговиот придонес во насока на продлабочување на севкупната билатерална соработка меѓу двете соседни земји.
Заемно беше истакнато значењето на Преспанскиот договор, кој отвори една нова страница во билатералните односи меѓу двете држави, а воедно беше нагласен интересот и посветеноста на двете страни за негова целосна имплементација, што уште повеќе ќе ги зацврсти пријателските и партнерските врски меѓу Северна Македонија и Грција.
Посакувајќи му успех во неговиот иден ангажман како на професионален, така и на личен план, министерот Османи му врачи Благодарница за неговите особени заложби во промоцијата на пријателството, партнерството и тесната соработка меѓу Северна Македонија и Грција.