Во Прилеп пуштен во употреба нов царински терминал

 

Во Прилеп денеска беше пуштен во употреба новиот Царински терминал. На отворањето на терминалот кој треба ќе обезбеди поефикасно царинење на стоките на фирмите од овој дел на Пелагонија присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и директорот на Царината Ванчо Каргов.

Според Ставревски, изградбата на новиот царински терминал во Пприлеп е во насока на развој на економијата во овој регион и чекор во  продолжување на соработката меѓу локалната и централната власт.

- Нема отворање нови работни места без успешно стопанство и стопанственици и добри услови за фирмите. Токму во насока на поуспешно стопанство е пуштањето во употреба на овој царински терминал со цел да им  ги подобриме условите на фирмите во Прилеп за полесно, со помалку трошоци, време и напор да може да ги царинат стоките наменети за извоз, изјави Ставревски на пуштањето на терминалот.

Тој нагласи дека соработката меѓу Владата и локалната власт се клучни за развој на економијата, а, како што рече, со општина Прилеп односите се добри  во континуитет.

Вицепремиерот Ставрески е уверен дека и фирмите од Крушево, Македонски Брод и пошироко ќе го користат овој царински терминал.

Со магацинскиот простор со кој располага прилепскиот царински терминал, се создадени условите за царинење на стоките и нивна контрола во спречувањето на обиди за шверц, смета директорот на македонската царина Ванчо Каргов.

- Ова е  завршница од подолготрајна изградба на терминалот. Со изградбата на магацинот се исполнија условите за работа на царинскиот терминал. Сега, ќе се забрзаат извозот и увозот кој ќе го прават не само фирмите од прилепско, туку и од околните општини. Истовремено, со овој магацин ќе се овозможи подобра контрола на увозот и извозот на стоки со што ќе се помогне да се спречи евентуален шверц или губење на буџетски приходи, рече Каргов.

Отворањето на царинскиот терминал е со задоцнување од два месеца но тоа, сметаат од надлежното јавно претпријатие „Комуналец“ е поради зимските несоодветни услови за работа. Терминалот располага со паркинг простор од 5.000 метри квадратни, нова хала и  автоматоматизирани административни услуги. Изградбата чинеше вкупно 24 милиони денари, дел средства од општината, а најголемиот дел од ЈП „Комуналец“.

Во терминалот од денеска ќе може да се царинат и половните моторни возила што не беше случај досега.

Потпретседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставревски присуствуваше и на седницата на економскиот совет на Прилеп. Беа претставени купувачите на 16 од 21-та парцела со колку што располага новата индустриска зона во „Прилеп“. Парцелите се продадоа на две електронски аукции минатиот месец. Купувачите се прилепски фирми кои ги прошируваат капацитетите и кои во иднина ќе обезбедат преку 1.600 работни места. Меѓу купувачите се текстилните фирми „Кули“, „Мартекс“, прехранбените „Марфил“, „Дониа“, кои купија по две до четири парцели, потоа печатарската фирма “Гинис”  и повеќе прилепски сервисни фирми.