Министерот Попоски во работна посета на Големото Војводство Луксембург

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, престојуваше во работна посета на Големото Војводството Луксембург.

Во рамките на посетата на Војводството Луксембург, како што соопшти МНР, министерот Попоски оствари средба со својот колега, министерот за надворешни работи, Жан Аселборн, при што беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји. Посебен акцент на средбата беше ставен на економска соработка и потребата од нејзино продлабочување.

Министерот Попоски информира за текот на Пристапниот дијалог на Република Македонија со Европската унија и побара конкретна поддршка од Луксембург, особено за донесување одлука, во рамките на ЕУ, за отпочнување на преговорите за членство.

Министерот Попоски беше примен и од Претседателот на Парламентот на Војводството Луксембург, Лорен Мозар, а оствари средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Парламентот, Бен Фајо.

На средбите, стана збор за парламентарната соработка меѓу двете земји, за потребата од нејзино интензивирање, како и за состојбите во регионот.