Почна изградбата на нов трговски центар во општина Аеродром, инвестиција од 35 милиони евра

Нов трговски центар со апартмани  „City Mall Residence“ ќе се гради во општина Аеродром спроти трговскиот центар „Бисер“. Инвестицијата е во износ од 35 милиони евра, а покрај неа, инвеститорот „Сити плаза“ планира да изгради и хотел од висока категроија во истата општина во кој ќе вложи уште 20 милиони евра.

„City Mall Residence“, чиј камен темелник беше поставен денеска, ќе биде со вкупна површина од 35 илјади метри квадратни од кои 12 илјади ќе зафаќа трговскиот центар, осум илјади ќе бидат апартманско сместување, а останатите се предвидени како простор за гаражи. Вкупната инвестиција ќе изнесува 35 милиони евра, а ќе отвори 400 работни места.

Во трговскиот центар е планирано да бидат изградени две модерни 3Д кино сали, а според најавите на инвеститорот, ќе бидат присутни и повеќе светски брендови од кои некои за првпат со свои продажни салони во Македонија. Нови брендови се најавени и во делот на рестораните, а објектот ќе располага и со фитнес центар.

Изведувач на градежните работи е „Пера констракшн интернационал“. Со градба ќе се почне на 15 мај, а се очекува целиот објект да биде готов за 15 до 18 месеци.

Премиерот Никола Груевски  по поставувањето на камен-темелникот, оцени дека  инвестицијата од 55 милиони евра во „City Mall Residence“ и во хотелот Рамада  е сериозен износ, а ќе овозможи над 500 вработувања.

- Тоа е за поздравување. Направивме се што беше во наша моќ за  да му помогнеме на инвеститорот и да можат навреме и согласно  нивните потреби и планови да  ги започнат  инвестициите кои ги планираат. Освен тоа што прават сериозна градежна активност  и вработуваат луѓе на трајна основа  ќе отворат над 500 работни места, изјави Груевски.

Инвеститорот  од „Сити плаза Скопје“ и почесен конзул на Турција во Македонија ,Ајдован Адемовски  најави дека во „City Mall Residence“ граѓаните ќе добијат комплетен трговски центар, а општина Аеродром и Скопје уште едно урбано пријатно катче привлечно и за локалните жители и за туристите.

- Граѓаните, пак, кои во резиденцијалниот дел од објектот ќе го пронајдат својот дом ќе имаат привилегија да живеат во удобен, интимен архитектонски перфектно испланиран простор изграден според високи стандарди, дизајниран да одговори на нивните потреби, рече Адемовски.

На поставувањето на камен-темелникот  присуствуваа и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалниците на Скопје и на Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Конески.