Груевски: Совеста ни е чиста, правиме се за НАТО интеграциите

Македонија во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго настапува со чиста совест затоа што  државниот врв и сите други функционери дадоа повеќе од максимум,  но јасно е дека единствената пречка  за нашето членство е блокадата од Грција,   оцени денеска премиерот Никола Груевски.

- Совеста ни е чиста  за НАТО интеграциите затоа што направивме се што беше во наша моќ, не се штедевме, лобиравме секаде каде  што можевме, работевме претходно на сите потребни  работи, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник на нов трговски центар во Општина Аеродором.

Според Груевски, целиот државени врв, претседателот, тој како премиер, претседателот на Собранието, министрите за надворешни работи и за одбрана  и другите членови  на Владата,  пратениците и сите други кои на кој било начин во рамки на нивните  ингеренции и можности  можеле да направат нешто,  го дале максимумот и дури и повеќе од тоа.

Во изминатиот  период, појасни премиерот,  имале огромна активност за лобирање и презентирање на аргументите на Македонија, детали и работи кои не можеле да се опишат во писмо или на друг начин, туку било потребно да се седне и да се разговара.

- Сретнавме огромен број  воени структури на НАТО, политичари, претседатели на држави, премиери,  министри за надворешни работи и за одбрана. Изминавме веројатно стотина илјади  километри  трудејќи се да стигнеме секаде  каде што можеме за да ги презентираме ставовите на Македонија  и она што го има  како аргумент во целата оваа работа, наведе Груевски. 

Тој истакна дека е  јасно оти единствената пречка за членството во НАТО е блокадата од Грција и оти Македонија уште од  2008 година целосно ги исполнила сите стандарди кои важат за сите други држави за зачленување во Алијансата.

- Имаме создадено голем број поддржувачи и пријатели  кои сакаат што побргу да ги видат членството, но се уште имаме проблем со државата која го блокираше тоа и нема  намера да го деблокира, односно да создаде  консензус за Македонија да се зачлени  во НАТО, изјави Груевски.