Ковачевски во Кавадарци: Поевтината струја за компаниите од 80 евра по мегават час, ќе ја намали цената на храната

Премиерот Димитар Ковачевски ја посети првата млекара во Тиквешијата, „Млечен пат“ во Кавадарци, каде имаше можност да го види производството на компанијата и со вработените и сопствениците да продискутира за мерките кои Владата ги презема за ублажување на последиците од светската енергетска криза.

„Задоволство е кога домашни семејни компании се развиваат, ги унапредуваат процесите на производство за зголемување на истото, вработуваат и придонесуваат во економскиот развој на локално ниво. Владата силно ги поддржува овие компании, и во услови на најголемата светска енергетска криза да продолжат со своето темпо на развој и да ја одржуваат ликвидноста. Секоја компанија е важна и секој вработен во неа. Токму затоа и јас, како претседател на Владата инсистирам секоја мерка, помош, субвенција, поддршка за граѓаните и економијата, што ја носиме да биде праведна и сеопфатна. Оваа Влада мисли на сите. Таков е и последниот пакет мерки за заштита на домаќинствата и стопанството од поскапување, што го донесовме изминатиот викенд. Со новиот пакет мерки го зачувуваме стандардот на граѓаните и ги штитиме компаниите. Со мерката - поевтина струја од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, ги стабилизираме цените на пазарот. Производителите на основните производи веќе јавно соопштија дека со помошта од државата, тие цените би ги намалиле за најмалку 10%. Владината одлука се однесува на компаниите коишто произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија“, изјави премиерот Ковачевски и додаде дека со овие мерки компаниите ќе имаат предвидлива есен и зима, бидејќи ќе знаат колкави ќе бидат нивните трошоци и како ќе може да функционираат, а крајниот бенефит од тоа го имаат граѓаните, бидејќи тие ќе добијат стабилни цени на производите што ги произведуваат овие компании.

Марина Манева, сопственик и технолог во компанијата „Млечен пат“  истакна декa како компанија која припаѓа на прехрамбениот сектор, многу е важно како да се справат со високите давачки кои придонесуваат во формирањето на крајната цена на продуктите и од таа причина секоја помош за намалување на трошоците е добредојдена.

„Со премиерот Ковачевски, освен за процесот на производство на кашкавал и сирење поразговаравме и за владината мерка со која се обезбедува поевтина струја за компаниите од овој тип, што практично значи директна помош од Владата за стабилизирање на цената на млечните производи. Лично очекувам дека со воведувањето на оваа мерка и цената на млечните производи би се намалила за десет проценти до јануари 2023 година, можеме да планираме и дополнителни инвестиции и да го зголемиме производството на „Млечен пат“, но исто така се надеваме дека поддршката на Владата ќе продолжи и во наредниот период“, рече Манева.

 


 

Изјава на премиерот Димитар Ковачевски млекара Млечен Пат во Кавадарци
 

„Почитувана Марина Манева, сопственичка и технолог во компанијата Mлечен Пат во Кавадарци 

Почитуван Никица Бачовски, директор на Платежна Агенција,

Почитуван Трајан Димковски, oд  министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

Почитувани пратеници во Собранието и почитувани присутни, 

Почитувани медиуми,

Ми претставува чест и задоволство што денес имав можност да ја посетам првата млекара во Тиквешијата,  „Млечен пат“ во Кавадарци, да поразговарам со сопствениците и вработените.

Имавме можност да го видиме целиот производствен процес, како и производите кои се направени на традиционален начин и претставуваат 100% млечен и  природен производ.

Навистина е задоволство да се види како домашни семејни компании се развиваат, ги унапредуваат процесите за да зголемат производство, вработуваат и придонесуваат во економскиот развој на локално ниво. Ме радува кога квалитетни луѓе решаваат да си ја градат иднината дома, и не само својата, туку и да овозможат поубава денешница и иднина и на многу луѓе од локалната заедница. За тоа треба храброст, посветеност, но треба и поддршка секако.

Затоа Владата силно ги поддржува овие компании, и во вакви услови на најголемата светска економска криза, затоа што тие треба да продолжат со своето динамично темпо на развој и да ја одржуваат својата ликвидност. Секоја компанија е важна и секој вработен во неа.

Токму затоа и јас, како претседател на Владата инсистирам секоја мерка, помош, субвенција, поддршка за граѓаните и економијата, што ја носиме да биде праведна и да биде сеопфатна. Оваа Влада мисли на сите.

Таков е и последниот пакет мерки за заштита на домаќинствата и стопанството од поскапување, што го донесовме минатата недела.
Со новиот пакет мерки го зачувуваме стандардот на граѓаните и ги штитиме компаниите.

Со мерката - поевтина струја од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, ги стабилизираме цените на пазарот. Производителите на основните производи веќе јавно соопштија дека со помошта од државата, тие цените би ги намалиле за најмалку 10%. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

Со овие мерки компаниите ќе имаат предвидлива есен и зима, бидејќи ќе знаат колкави ќе бидат нивните трошоци и како ќе може да функционираат. На компаниите им обезбедуваме стабилна и поевтина струја, а крајниот бенефит од тоа го имаат граѓаните, бидејќи тие ќе добијат стабилни цени на производите што ги произведуваат овие наши компании. 

Живееме во времиња полни со предизвици, времиња кои бараат брза адаптација и реакција. Јас сум одговорен човек, владата која ја предводам умее и да интервенира кога и како треба, но во исто време одговорно да управуваме со јавните финасии. Јас и Владата веруваме дека овој пакет мерки ќе одговори на повеќето предизвици кои се пред  граѓаните и стопанството.

Оваа 2022 година, обезбедивме 760 милиони евра, за да ги заштитиме граѓаните,обезбедивме и помош на стопанството за да ја одржиме неговата динамика и ликвидност.
Над 100 милиони евра скративме од одредени трошоци за кои сметаме дека не се неопходни во услови на криза и направивме пренамена на овие средства. 
Мора да има услови за децата да одат во училиште, затоа 365 основни и 109 средни училишта вклучивме во регулираниот пазар со евтина струја. Мора да функиционираат болниците, затоа и за нив обезбедивме електрична енергија од ЕСМ.

Ги помагаме најранливите категории граѓани, во наредните 4 месеци 42.000 наши граѓани од таа категорија ќе добиваат парична помош од државата, обезбедивме еднократна помош за 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош. 330.000 пензионери добија повисоки пензии, како и парична помош, во наредните 4 месеци, за пенизонерите со најмала пензија.

Никако како Влада не го забораваме и догорочниот правец, тоа е показател каде одиме како општество и ги следиме глобалните околности кон обновливи извори на енергија. Со измената што ја направивме на законот за градба, сите граѓани и компании, најбрзо и по најповолни услови, со поедноставување на процедурите, без издавање на одобрение односно решение за градење и без дополнителни административни постапки, ќе може да постават фотонапонски електроцентрали за производство на струја.
За нас е еднакво важно и производството на храна и стабилно снабдување со електрична енергија. Јас силно верувам дека сите мерки кои ги носиме инклузивно во консултација и со стопанството и со сите засегнати страни, се корисни за компаниите во овие услови на најголема светска енергетска криза.
Посакувам успешна работа на млекарата „Млечен пат“, кои за само 3 години од почетно производство на обработка на 1 тон млеко дневно, веќе обработуваат 7 и пол тона.  Ви честитам за посветеноста, за желбата и за напорната работа, а ве уверувам дека Владата е тука да ги поддржува компаниите, да создава предвидлив амбиент за нивно успешно планирање и работа.

Ви благодарам  на честа што ми ја направивте да бидам ваш гостин денес и ви посакувам успех“.