Средба во МТСП за додатокот за мобилност - Новото право ќе го подобри квалитетот на живот на слепите и лицата со телесен инвалидитет

Од 1 јули годинава почнува исплатата на новиот додаток за мобилност, наменет за слепи лица и лица со телесен инвалидитет. Средствата во износ од 90,7 милиони денари се обезбедени во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Месечниот износ на додатокот за мобилност е  7.000 денари.

Исплатата на новиот додадок беше тема на денешниот состанок на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и заменик-министерот Ибрахим Ибрахими  со претседателите на Националниот Совет на слепи на Македонија Жарко Селковски и на Националниот Совет на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ Бранимир Јовановски.

- Со воведувањето на ова право ја подобруваме социјалната заштита на 1.080 потполно слепи лица кои што имаат оштетување на видот над 98 отсто и на 1.061 лице со 100 проценти телесна попреченост кои што користат надоместок за помош и нега од друго лице, бидејќи тие не можат да ги задоволат нивните основни животни потреби и функционирање, кои произлегуваат пред се од нивниот вид и степен на попреченост, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски по завршување на средбата.

Напоменувајќи дека пристапот „Прашањето на попреченоста е прашање на право, а не прашање на проценка“ истакнат во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН го спроведува и Министерството за труд и социјална политика во својата актуелна политика, министерот рече дека како Влада и натаму ќе продолжат посветено да работат на унапредување на правата на сите категории граѓани вклучително и на слепите лица и лицата со телесна попреченост.

Благодарност изразија претпретседателите на Националниот Совет на слепи на Македонија Жарко Селковски и на Националниот Совет на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ Бранимир Јовановски.

Според Селковски овој додаток многу ќе им помогне на слепите лица во подобрување на квалитетот на живот. Тој изрази надеж дека ќе го остваруваат правото без задоцнување.

Јовановски пак посочи по средбата дека на лицата со телесен инвалидитет овој додаток ќе им овозможи на овие лица да добијат поголема самостојност во својот живот.