Битиќи на Балкан економскиот форум: Регионалната конкурентност наспроти регионалната конкуренција е клучот за развој, за да го искористиме целиот потенцијал

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска се обрати на отворањето на првиот Балкан економски форум.

 

Во продолжение, ви го праќаме интегралното обраќање:

„Чест е да се отвори овој прв, балкански економски форум, овде во Скопје.

Уште на самиот почеток, ќе се осврнам на темата на овој форум, „За посветла иднина“, за оваа иднина ни треба единство, соработка и забрзување на нашата конкурентност. Иднината ни припаѓа на сите нас и ќе е светла, само ако одиме напред заедно.

Имаме извонредна можност заеднички да разговараме за визијата за нашиот регион во следните години. Изминатите три години докажаа дека Регионот може да ги артикулира своите потреби, да покаже посветеност, волја и способност да работи за доброто на сите граѓани, дури и преку кризи, какви што имавме или сè уште имаме.

Сакам да мислам на кризите низ кои минуваме како предизвик наместо проблем - и мислам дека ова прави голема разлика - затоа што проблемот бара конфликт, а предизвикот бара партнерство и соработка, и токму на тој начин можеме вистински да закрепнеме и да се развиваме. Место да бидеме меѓусебни конкуренти, можеме да бидеме партнери, можеме да создадеме посилен пазар со здружување на нашите сили, што ќе доведе до поголеми иновации, дигитализација и повеќе инвестиции.

Влегуваме во нова фаза на економски раст и на нашата регионална економска соработка. Од една страна, процесот на пристапување во ЕУ бара многу солидни подготовки за нашето идно учество на единствениот пазар на ЕУ. Берлинскиот процес, како и другите регионални иницијативи, успеа да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока, а целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот.

Додека се соочуваме со овие предизвикувачки времиња, покажавме дека работиме заедно, со сите напори, да го направиме Заедничкиот регионален пазар реалност во контекст на подготовка на можности за приближување на целиот регион до внатрешниот пазар на ЕУ.

Во овој контекст, преку поставување рамка и преку дефинирање конкретни активности во сите области на четирите слободи на ЕУ, кои се клучни за подобрување на животот на нашите граѓани, бидејќи тие даваат опипливи резултати. Тие ги поедноставуваат административните процедури за влез, транзит и краток престој во Западен Балкан користејќи само лични карти, а придонесуваат и за поблизок и подобро поврзан регион. Исто така, обезбедуваме еднаков третман на сите граѓани во целиот регион и ги зајакнуваме односите меѓу луѓето.

Нашата посветеност на регионалната соработка е резултат на заеднички признатите интереси, поттикнувајќи ја нашата понатамошна посветеност за зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори.

Имаме солидна основа да го искористиме огромниот потенцијал на Регионот.

Се отвора прозорец на можности за нашиот регион во овој период на закрепнување по КОВИД - а тоа е капитализирање на целосниот потенцијал на Near-shoring што се покажа како неопходност што се појави со пандемијата. Кога далечните меѓународни добавувачи не успеаја да испорачаат, она што стана очигледно повеќе од кога било е можноста што се наоѓа во регионалните вредносни синџири кои можат да генерираат просперитет и економска стабилност и раст за Западен Балкан. Со оглед на блискоста на нашиот пазар со големиот европски пазар, тука лежи нашиот потенцијал и шанса за светла иднина.

Треба да работиме на зајакнување на синџирите на снабдување, што ќе ја изгради нашата регионална конкурентност на регионално ниво, но и ќе го зголеми нашиот извоз и со тоа нашите национални економии ќе растат.

Додека работиме кон Заеднички регионален пазар, отскочна штица кон единствениот пазар на ЕУ што ќе ја зајакне нашата економска интеграција, јас ја презедов иницијативата за создавање уникатна програма за субвенционирање на странски директни инвестиции на ниво на земјите од Западен Балкан, но исто така и создавање силен регионален синџир на вредност – што ќе ја подобри нашата конкурентност многу повеќе од она што секој од нас може да го направи тоа - поединечно.

Регионална конкурентност над регионална конкуренција. Ова, верувам дека е нашата иднина.

Преку регионална конкурентност наместо регионална конкуренција можеме да излеземе посилни и подобри.

Ние сме Европа. Целиот Западен Балкан е Европа и силно верувам дека ако одиме заедно, ќе чекориме посилни и подобри“.