Прием по повод Деновите на македонската култура во Лондон

На претпоследниот ден од презентацијата на македонската култура во Лондон, Република Македонија синоќа  организираше прием во театарот Глоуб, каде што потоа Битолскиот театар повторно го изведе третиот дел од Шекспировиот "Хенри Шести“.

Присуствуваа Македонци кои живеат во Лондон, но и многу гости кои   беа пријатно изненадени од веселата атмосфера што ја создаде Стефче Стојкоски и неговиот фолклорен ансамбл. Некои од странците се препуштија на македонскиот традиционален ритам и заиграа. Тие, пак, што минуваа покрај Глоуб подзастануваа заинтересирани за поводот и звуците од гајда, кавал, тамбура и тапан.

- Република Македонија е нераскинлив дел од мозаикот на големото семејство на обединета културна Европа и затоа во ваквите настани препознаваме извонредна можност да оствариме еден чин на сојузништво, да ги надминеме границите на сопствениот културен простор. Во духот на заедништвото и креативноста ќе посакам уште многу вакви средби и можности да ви ја презентираме Македонија, земјата во која сите уметнички посегнувања по невозможното стануваат реалност, рече Канческа-Милевска во поздравното обраќање.

Четири члена на ансамблот „Стефче Стојкоски“ во народни носии свиреа македонска изворна музика.

- Ова беше наша чест и задоволство да ја презентираме нашата автентична музика. Песните и ората беа од цела етничка Македонија, така што публиката имаше ретка можност да ги чуе овие традиционални инструменти. Вибрациите од нашата музика ги допира луѓето, кога свириме и странците не остануваат рамнодушни, изјави Стојкоски, основач на ансамблот кој има околу 60 активни членови.

На ансамблот му претстои и учество на фестивал покрај Темза,  непосредно пред отворањето на Летните олимписки игри, и ќе биде меѓу 205 претставници на ист број држави, колку што учествуваат на спортската Олимпијада. Ќе биде единствен претставник од Република Македонија на тој настан за кој добил покана од агенцијата ,„Сириус“, која го организира и џез-фестивалот во Лондон.

- Организаторот предложи од секоја држава од Балканот да се отпее по една песна.  Јас издејствував од Македонија да се отпеат четири песни, додаде Стојкоски по настапот на приемот.

Меѓу гостите беше и кореографката во Глоуб Глин Мекдоналдс, која ја пофали премиерата на Народниот театар-Битола на фестивалот „Светот за Глоуб“.

- Ги гледав сите театри што гостуваа и апсолутно уживав во изведбата на театарот од Македонија. Креативноста на нивниот израз и нивната срдечност беше радост за нашиот театар. Навистина сме благодарни што одиграа за Англија и за Глоуб, изјави Мекдоналдс. Ја импресионирало техниката на игра и  сценското движење, за музиката рече дека била неверојатна, а посебен впечаток и оставил завршниот монолог на кралицата Маргарета (во изведба на актерката Габриела Петрушевска).

Деновите на македонската култура во Лондон попладне ќе завршат со промоција на едицијата ,,130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, што ќе се одржи на колеџот Јуниверсити.