Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска беше во работна посета на општините Велес и Чашка, каде со градоначалникот на општина Велес, Марко Колев и на општина Чашка, Горан Стојановски, ги потпишаа договорите за реконструкција на 4 локални улици во Велес и 3 локални улици во општина Чашка.
Средствата за проектите се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, преку Проектот за „Поврзување на локални патишта во општините“ односно, санација на локалните улици и патишта во општините, со вкупна инвестиција од 70 милиони евра.
Во општина Велес се потпишаа договорите за реконструкција на улицитеЖивко Фирфов, Андон Шурков, Лазо Осмаков и ул. Орце Мартинов.
Вкупната инвестиција за реконструкција на овие улици во Велес изнесува 37,5 милиони денари.
Во општина Чашка договорот за реконструкцијата се однесува за улиците Ацо Шопов, Коста Кирков и улица во н.м. Мелница, вкупна инвестиција од 27,5 милиони денари.
„Од исклучително значење е реализацијата на овој проект за сите општини во државата. Преку директни грант средства до општините за реконструкција на локалните улици овозможуваме подобри услови за живот на граѓаните, урбан развој и пред се локален економски развој за општините. Очекувам дека со реконструкција на овие улици во Велес и во Чашка значително ќе го подобриме животот на жителите во овие две општини. Како одговорна Влада со силно темпо продолжуваме со реализација на овој проект се со цел да им помогнеме и да го промениме ликот на општините. Уште еднаш упатувам апел до сите градоначалници што поскоро да ги користат средствата што ги обезбеди Министерството за транспорт и врски од овој проект.“ – изјави министерот Бочварски.
Во рамките на Проектот за реконструкција на локални патишта до сега се реконструираа или се во фаза на реконструкција преку 100 улици и патишта во преку 50 општини низ земјата.
Министерството за транспорт и врски и во следниот период продолжува да биде активен партнер на локалните самоуправи.