Конференција „Процесот на планирање и донесување одлуки во современите операции-Каде сме денес, а каде треба да бидеме утре?“

Унапредувањето на методите во АРМ и во Министерството за одбрана за стратегиско и оперативно донесување одлуки е од голема важност за натамошниот развој на одбранбените способности, како и зголемување на борбената готовност, нагласи министерот за одбрана Фатмир Бесими во обраќањето на првата научно - стручна конференција „MILCON 2012“ што се одржува во Домот на АРМ во Скопје.

МО, потенцира тој, ќе аплицира сеопфатен пристап во трансформацијата и модернизацијата на АРМ обезбедувајќи обединување на напорите на национално, регионално и мултилатерално ниво.

- Одбранбеното планирање во МО треба да го бара и наоѓа балансот помеѓу способностите за одбрана на државата, развојот на распоредливите способности на АРМ, способностите за учество во колективанта одбрана на НАТО и самостојно делување со сите сценарија на стратегиско опкружување, рече Бесими на конференцијата насловена „Процесот на полнирање и донесување одлуки во современите операции-Каде сме денес, а каде треба да бидеме утре?“.

Интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, подвлече, остануваат стратегиски приоритети, а вооружените сили природно е да се приспособуваат на современи сваќања на ризикот, предизвиците, заканите на мирот, безбедноста и стабилноста на земјата.

- Во услови на недоволен буџет за одбрана процесот на развој на оперативните способности станува уште покомплексен и бара ефикасно менаџирање со сите видови ресурси за да се обезбеди потребното ниво на развој на воените капацитети, посочи Бесими, додавајќи меѓу другото оти во МО е започната изработка на стратегија „паметна одбрана“, со цел да се обезбеди континуиран развој.

Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, процесот на планирање и донесување одлуки во современите воени или цивилни операции при кризни состојби, претставува еден од оние базични системски перформанси според кои што се цени зрелоста и капацитетите на институциите на една држава.

- Системскиот развој на овој сегмент од институционалното функционирање е приоритет „пар екселанс“, нужно насочен кон негово континуирано одржување во потребна кондиција, со напоредно унапредување и надградување, нагласи Јанкулоска. Таа посочи дека овој процес  претпочита интегриран координиран меѓуинституционален пристап, а Република Македонија во изминатиот период крајно сериозно пристапи кон сета оваа проблематика. Во таа насока, конституирани се на ниво на повеќе ресори, но и на меѓуресорско ниво, посебни организациски единици чија примарна задача е токму справување, проценка и планирање операции произлезени од кризни ситуации и состојби. Во МВР, информира, од март лани функционира посебна единица за справување со кризни состојби.

За началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески конференцијата е идеална прилика  да се согледаат евентуалните недостатоци и потреби за на доградување на воспоставениот процес на донесување на одлуките, кој, подвлече, мора да биде во спрега со военото планирање, кое во иднина ќе добие нова димензија.

- Процесот на планирање и донесување на одлуки при справување со новите безбедносни предизвици и загрозување, бараат од нас брзина, мудрост, знаење и техничка поддршка, рече Котески во обраќањето на конференцијата.