Средба на министерот Попоски со министерот за европски прашања на Данска Николаи Вамен

Министерот на надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска имаше средба со неговиот дански колега и актуелен претседавач со Советот на Европската унија Николаи Вамен.

Министерот Попоски, како што соопшти Министерството за надворешни работи, ги поздравил досегашните резултати на Данското претседателство со ЕУ, особено во досието за проширување на Унијата, при што апелирал позитивниот моментум во евроинтеграцијата на Балканот да продолжи и со отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

Тој изразил очекување дека на претстојниот Совет за општи работи на ЕУ во јуни, во рамките на дискусијата за проширувањето, данското претседателство ќе отвори расправа и за препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија, а согласно заклучоците на Советот од декември минатата година.

- Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија внесува позитивна динамика во меѓусебните односи, оцени министерот Попоски.

Македонија, нагласил Попоски, е подготвена да испорача резултати во рамките на оваа платформа, кои ќе дадат дополнителна вредност на аргументите дека пристапните преговори треба да почнат час поскоро. Тој се осврнал на петте области, опфатени со Дијалогот, односно – владеење на правото, слобода на медиумите, реформа на јавната администрација, изборна реформа и зајакнување на пазарната економија. Накратко ги претставил мерките на Владата содржани во Оперативниот патоказ, кои ќе се реализираат, во најголем дел, до затворањето на Извештајот на Комисијата за напредокот на Македонија во 2012.

Министерот Вамен ја нагласил поддршката на Кралството Данска за отпочнување на пристапните преговори со Македонија и истакнал дека Данска, како во текот на претседавањето со Советот на ЕУ, така и потоа, како докажан пријател на процесот на проширување и на Република Македонија,  ќе продолжи да се залага за оваа цел.

- Вамен го поздрави отпочнувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија, искажувајќи високи оценки за посветеноста и енергијата што Република Македонија ја вложува во овој дијалог како инструмент за остварување на посакуваната цел. Министерот Вамен ги поздрави напорите на Владата на Република Македонија за продолжување на реформските процеси со зацртаната динамика и ја реафирмираше данската поддршка како политичка, така и практична, во правец на интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО, се вели во соопштението од МНР.

На средбата станало збор и за актуелните случувања на Балканот и регионалната соработка, при што министерот Попоски информираше дека во јуни оваа година Македонија го презема претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа – за периодот 2012 – 2013 година.