МОН: Испорачани дел од новите печатени учебници за основно образование, продолжуваме со сукцесивно печатење и дистрибуирање

Министерството за образование и наука информира дека испораката на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование се одвива согласно утврдената динамика. Веќе е завршена испораката на учебниците по првиот договор  за печатење, што ги опфаќа учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика, на македонски наставен јазик и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение, на турски наставен јазик. 

Испораката на учебниците по вториот и третиот договор ќе се одвива оваа работна недела. Станува збор за 18 учебници, и тоа:

- на македонски наставен јазик: македонски јазик за прво и за второ одделение,  математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и за четврто одделение, историја и општество за четврто и за петто одделение;

- на турски наставен јазик: учебник за турски јазик за прво и второ одделение, 

-на албански наставен јазик: учебник по математика за четврто одделение и учебници по албански јазик за второ, четврто и петто одделение;

- на српски наставен јазик : учебници по српски јазик за второ, четврто и за петто одделение, и учебник по математика за четврто одделение.   

Веднаш потоа почнува испораката и на учебниците по четвртиот договор, и тоа учебник по албански јазик и математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и четврто одделение и историја и општество за четврто и петто одделение, сите на албански наставен јазик. 

Ги известуваме учениците и родителите дека новите учебници ќе бидат достапни и на веб-страницата на Министерството за образование и наука www.e-ucebnici.mon.gov.mk. Апелираме до родителите да не прават беспотребни трошоци и да ги копираат учебниците, бидејќи печатените учебници ќе бидат достапни за секој ученикбесплатно.

Веднаш по печатењето и испораката на учебниците за основното образование, продолжува печатењето на повеќе нови учебници за средното стручно образование. Во меѓувреме, МОН заедно со другите надлежни институции континуирано продолжува да вложува во нови наставни програми и учебници, затоа што тоа е еден од основните услови за квалитетен воспитно – образовен процес.