Потпишан договор за одбегнување двојно оданочување со Луксембург

Македонија потпиша договор за одбегнување двојно оданочување и заштита на инвестициите со Големото Војводство Луксембург. Договорот денеска во Брисел го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за финансии на Луксембург, Луц Фриден.

Договорот, како што соопшти Министерството за финансии, претставува правна рамка и основа за унапредување на економската соработка помеѓу двете држави како во доменот на размената на стоки и услуги, така и во доменот на заедничките вложувања. Со склучувањето на овој договор ќе се овозможи слободен проток на луѓе, капитал, доход, услуги и слично, како и натамошно стимулирање и интензивирање на економските односи помеѓу двете држави.  

Република Македонија со овој договор ја проширува мрежата на склучени меѓународни договори за одбегнување двојното оданочување со земјите членки на Европската унија, а со почетокот на примената на Договорот со Големото Војводство Луксембург, широко се отвораат можностите за поттикнување и реализација на потенцијалните инвестиции од страна на деловните субјекти на двете држави кои можат својот интерес за инвестирање да го пронајдат во едната, односно другата држава договорничка.