Ристовски: Семејствата може да функционираат хармонично и покрај тешките економски услови

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, со претставници на Заводот за социјални дејности и Црвениот крст на Град Скопје, по повод Меѓународниот ден на семејството - 15 мај ги посети Даниела и Даниел Кирови и нивните пет деца.

- Не случајно избравме да го посетиме семејството Кирови по овод повод. Станува збор за едно исклучително семејство и совршен пример дека и покрај тешките економски услови едно семејство може да функционира совршено хармонично, рече министерот Ристовски. 

Тој истакна дека децата на Кирови кои привршуваат основно училиште ќе ја добијат потребната поддршка која им следува.

- Со помош на министерот за образование и наука ќе им се помогне во натамошното образование. Нормално ќе ги дадеме и сите други форми на помош потребни за ова семејство бидејќи во последно време е исклучителен реликт да се види семејство со пет деца, рече Ристовски.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст на Град Скопје им овозможи на Кирови летово да одат на седумдневен одбор во објект на Црвениот крст во Струга, нешто што, како што појасни Даниел, неговото семејство не може да си го дозволи. 

- Стандардот е тој. Некаде се крати за да може да им допуштиме повеќе на друга страна. Не одиме редовно по одмори, кратиме од некои работи, додаваме на други. На останатите родители можам да им порачам дека може да имаат повеќе деца и со истите примања, бидејќи можат да успеат доколку сакаат, рече тој.

До скоро вработен бил само Даниел, а од неодамна во работен однос стапила и неговата сопруга. Црвениот крст денеска на семејството Кирови им донираше помош во средства за хигиена и храна.