Груевски: Средбата со Џиабао сериозен сигнал за интересот на Кина да инвестира во Македонија

Кина е заинтересирана за проектот кој предвидува една технолошко-индустриска развојна зона во Македонија да им се даде на управување на кинески компании. Како што изјави премиерот Никола Груевски по денешната работна средба со својот кинески колега Вен Џиабао во Пекинг, проектот од кинеска страна ќе се доразработи и доанализира по што ќе следат натамошни дискусии.

Груевски и Џиабао размениле мислења и за уште два крупни проекта, од областа на енергетиката и инфраструктурата.

- Побарав поддршка за три значајни проекти, но исто така разгледавме и една група од пет-шест други проекти кои во иднина би можело да бидат доразвиени. Од овие три би можел да спомнам дека едниот е крупен проект во делот на енергетиката. Вториот е крупен проект во делот на изградба на патишта, а третиот е проект кој веќе го имаме спомнато во нашата јавност и за кој стана збор и минатиот пат кога се видов со премиерот на Кина. Предвидува една технолошко-индустриска развојна зона во Македонија да се даде за кинески компании, тие да дојдат и да изградат фабрики кај нас при што изнесов многу повеќе детали околу условите за правење бизнис во овие технолошко-индустриски развојни зони, рече премиерот Груевски.

Според него, коментарите на Џиабао биле прилично охрабрувачки. Администрациите на двете земји ќе продолжат да комуницираат околу овие три крупни проекти.

- За технолошко-индустриската зона, покрај останатото, Џиабао напомена дека е информиран оти Македонија има најдалеку отидено во однос на регулативата, но и во однос на условите во овие технолошко-индустриски развојни зони и дека генерално постои интерес за овој проект којшто понатаму треба да го доразработат и доанализираат и да ни пријдат за натамошни дискусии, информира Груевски.

Другите пет-шест проекти кои беа дел и од вчерашните разговори на македонскиот премиер со кинеските компании, се поврзани со хидроцентрали, патишта, енергетика.

- Во секој случај средбата со Џиабао беше значајна и на неа, овој пат, бевме повеќе концентрирани повеќе на економскиот дел. Нашиот престој тука преку оваа средба се покажува дека е добредојден. Сериозен сигнал е кога во рамки на едно роуд-шоу како ова, на кое во пет работни дена ги претставувам бизнис можностите во пет различни градови во Кина, премиерот на Кина ќе направи прием. На тој начин тој индиректно дава и сигнал дека политички Кина поддржува инвестирање на кинески компании во Република Македонија, потенцира претседателот на Владата.

Работната средба на Груевски со премиерот на Народна Република Кина Вен Џиабао е втора во рок од две седмици и трета во последните две години.