Ковачевски за МИА: Зголемено домашно производство на храна со 193 милиони евра за капитални инвестиции и субвенции во земјоделство

За следната година го имаме најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање, мерки кои што ќе овозможат одржливо и зголемено производство на домашна храна, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во денешното интервју за Медиумската информативна агенција-МИА.

Премиерот Ковачевски изјави дека новиот предлог Буџет за земјоделство за 2023 е во износ од околу 193 милиони евра што е зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Најголем дел од средствата односно 140 милиони евра се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.

„Со новиот „decoupling систем“, земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите,  која што ќе им биде исплатена во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни пари за да  можат да ја започнат новата реколта, но и да имаат одржливо земјоделско производство со што ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна. Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе, а дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат  финален производ за продажба. Напоменувам дека со новиот модел не е предвидено намалување на средствата наменети за земјоделците, туку нивна поефикасна прераспределба, побрза исплата, што значи планско и одржливо производство, од што бенефит ќе имаат и земјоделците и државата“, рече премиерот Ковачевски.

Во однос на ефектите од новиот модел, премиерот Ковачевски појасни дека треба да се има предвид дека е врзан со производство на храна. Конкретно, исплатата е авансна во тековната година, во некои гранки првите резултати ќе ги имаме уште следната година, но во некои сектори после две години, се во зависност од земјоделската култура. На пример, кај сончогледот, со мерката за вештачко ѓубриво што се донесе пролетоска, уште годинава имаше пораст на производството на сончоглед, посочи премиерот Ковачевски.
 
Во интервјуто за МИА , премиерот Ковачевски, изјави фокус и следната година се става на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура.  

„Веќе следната 2023 година завршува изградбата на  браната Конско во вредност од 40 милиони евра. Во 2023 година завршува и изградбата на хидросистемот Равен-Речица во вредност од 15 милиони евра, а продолжува изградбата на браната Речани, како и изградбата на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар, започнува изградбата на браната на река Слупчанска, но и уште други капитални инвестиции“, рече премиерот Ковачевски.

Како дел од стратегијата за одржливо и зголемено производство на земјоделски производи и храна, премиерот Ковачевски потенцираше дека за прв пат донесен е и Националниот план за производство на храна во кој што е вклучена и Интервентната програма во вредност од 900 милиони денари. Тоа се мерки за помош на земјоделците, мерки насочени кон стратешките производи пченица, пченка, сончоглед, месо, односно главните суровини за производство на основните прехранбени производи“, рече премиерот Ковачевски.