Третиот столб на земјоделскиот буџет за 2023 е силно насочен кон капиталните водостопански инвестиции. Нема стабилно земјоделство без доволно вода. Најголемата сума од буџетот на министерството во износ од 884,9 милиони денари е наменета за Управата за водостопанство. Со овие средства и во 2023 ќе продолжат започнатите капитални водостопански проекти.
Во првиот квартал ќе заврши изградбата на браната Конско. Тоа е најголем капитален проект за водоснабдување во последните 50 години. Изградбата на оваа брана започна во јуни 2018 година. Вкупната инвестиција е 40 милиони евра, обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Програмата за рурален развој. Оваа вештачка акумулација е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“ и нејзиното пуштање во употреба ќе значи навремено обезбедување на вода за наводнување за нови 4.000 хектари земјоделски површини, во гевгелиско-валандовскиот регион.
Во 2023 година продолжува изградбата на Брана Речани со која што ќе се обезбеди снабдување со вода за пиење за 80.000 жители и наводнување на кочанското поле, а преку две мали хидроцентрали ќе се произведува и електрична енергија. Вредноста на инвестицијата е 30 милиони евра.
Со новиот предлог Буџет, во 2023 година ќе се заврши и изградбата на ХС Равен – Речица на износ од 15 милиони евра кој почна со изградба во 2018 година, од оваа акумулација, која опфаќа површина од 3920 хектари, ќе се наводнува земјоделската површина која се протега од десната - горната страна на автопатот Тетово - Гостивар до подножјето на Шар Планина. Покрај оваа земјоделска површина, со овој систем за наводнување ќе се опфати и дополнителна нето површина која се наоѓа под автопатот Тетово – Гостивар, и ќе се наводнуваат 3300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Со силно темпо тече и Програмата за наводнување на Северна Македонија, која вклучува изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар (ХС Лисиче, Конско, Пепелиште и Јужен Вардар – трета фаза), финансиран со заем од KFW и буџетско учество. Исто така во 2023 година по комплетирање на документацијата и непходните дозволи ќе почне големиот капитален проект со буџет од 22 милиони евра а тоа е изградба на браната на река Слупчанска. Како најава за градба на следен огромен капитален проект е и брана Вакуф, близу Кратово за која во 2023 година ќе се направи и физибилити студија а потоа и проектна документација за распишување на овој капитален проект.
Значаен удел во капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура имаат и малите нискотрошковни системи за наводнување кои се градат со поддршка на ИПА програмата. Веќе се завршени Чаушица, Славишко поле, Пишица, и Зајас, а во 2023 продолжува изградбата на малите ХС Конопница и Теарце. Во јануари 2023 со градба започнуваат и системот за наводнување Колибари со вредност од 1.5 милиони евра, како и пумпната станица во општина Дебар.
Сите овие капитални инвестиции значат навремена достапност на вода за наводнување на земјоделските посеви, што крајно ќе влијае врз зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна. Нема развој на земјоделството без современи брани и системи за наводнување.
Четвриот столб е зелената транзиција што е во согласност со Зелениот договор на Европската Унија. Почитувањето на зелените принципи, е клучно за постигнување на амбициозната цел за климатско неутрална Европа. Токму затоа, во 2023 ставаме фокус на зелената транзиција преку проектите во шумарството.
Во делот на шумарството за Програмата за проширена репродукција на шумите, планирани се средства во износ од 25 милиони денари, кои ќе се користат за пошумување на голини и ерозивни земјишта во државна и приватна сопственост, спроведување на одгледувачки мерки за подобрување на квалитетот и структурата на шумите, со акцент на пошумување на опожарените површини. На овој начин МЗШВ интегрално пристапува кон зачувување и обновување на шумскиот фонд. Есенва имавме интензивни акции за пошумување поддржани од нашата програма, со што веќе се засадени над 150.000 садници на повеќе локации во Скопје, Петровец, Миладиновци, Велес и Ранковце.
Со зголемените средствата за 2023 година, пошумувањето ќе биде една од нашите цели за успешно реализирање на зелените принципи. Да им оставиме на идните генерации чиста, зелена и европска држава.