Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на „Форумот за филантропија“ во организација на организира тимот на Конект во рамки на Проектот на УСАИД Партнерства за донирање, а во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северозападна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.
Во прилог ви го праќаме неговото интегрално обраќање:
„Додека се подготвував за оваа конференција, за која се заблагодарувам за поканата... размислував, што во својата суштина претставува филантропијата.
За мене, прво значи да имаш вештини, можности и среќа да создадеш нешто. Твојата замисла или сон да се оствари, за тебе, а потоа со давање на дел од тоа нешто, среќата да ја споделиш со некој друг. За мене значи да си свесен и да ја почитуваш твојата среќа доволно за да знаеш дека е се поголема онолку пати колку е споделена.
Се надевам дека ова резонира со вас и ве поканувам денеска да ја шириме суштината и можностите за филантропија.
Бидејќи, преку неа покажуваме грижа за заедницата и свесност дека сите сме дел од неа, нешто што посебно стана јасно во последните три години на криза низ кои поминуваме, кои секогаш го ставаат на тест општеството и неговата отпорност да не ги напушти „здравите“ основи кои ги има, обземено од страв и несигурност. Ние не го направивме тоа. Постојано повикувавме и делувавме со солидарност и праведност.
Денешните модерни општества се соочуваат со многу комплексни предизвици кои бараат брза прилагодливост но и повеќесекторско или интердисциплинарно делување. Одржливиот економскиот развој, заштитата на животната средина, грижата за човековите права и многу други сегменти не можат успешно да се адресираат само од една страна и еден актер, било да е тоа Владата, граѓанскиот сектор или бизнисите туку бара здружено заедничко делување и партнерски однос. Филантропијата ја има токму таа улога на сврзување на овој quadruplle helix ако ги земеме предвид и граѓаните, со што сите стануваме активни чинители во нашите заедници.
Какви заедници градиме, сите сме одговорни. Како ги градиме и како ги коригираме аномалиите кои се појавуваат во нив се пресликуваат во иднината на нашите деца. Нема совршени решенија или крајна цел, постои само напредок и унапредување. Во таа цел, никој не може сам, туку сите заедно.
Сите ги знаеме приказните кои ни ги раскажувале старите за акциите во поранешната република или како цело маало или село помагало на семејство кое имало потреба, или како цела заедница изградила куќа... Или како сите солидарно се помагавме во време на КОВИД и информациите за донации и помош кои пристигнуваа.
Голем дел од компаниите во текот на годината донираат и на тој начин вложуваат во заедниците каде делуваат и работат. Нив ги поздравувам и ги поттикнувам да продолжат да бидат двигатели на развојот на своите заедници. Како Влада, овие напори посебно ги цениме, бидејќи секоја форма на филантропија значи грижа и почит за своите сограѓани и држава.
Република Северна Македонија е дел од меѓународните текови и ја следи Агендата 2030 и Целите за одржлив развој што заедно со сите земји членки на Обединетите нации прифативме да ни бидат водилка. Оваа рамка нѝ дава насока за соработка и заедничко работење за одржлив развој во кој филантропијата е несомнено еден од централните механизми. Поради ваквата значајна улога на филантропијата во поттикнувањето на развојот, Владите, вклучително и нашата го поддржуваат донирањето и филантропијата. Во оваа насока, во тек се измени на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности преку кои полесно ќе се обезбедуваат даночни поттикнувања на донациите од граѓаните и претпријатијата.
Верувам дека сите можеме да ја носиме одговорноста за тоа како нашите постапки денеска ќе се отсликаат на општеството, во кое, ќе живеат нашите деца, утре. Затоа, ајде да продолжиме заедно да го ко-креираме нашето солидарно едно општество за сите, општество кое интегрира, нуди можности, се грижи и поврзува.“