Денеска, во Владата на Република Северна Македонија се одржа седница на Советот за реформа на јавната администрација, прва откако претседател на Владата е премиерот Димитар Ковачевски.
На седницата, на којашто присуствуваа претставници на Владата, на Генералниот секретаријат на Владата, експерти, премиерот Ковачевски соопшти јасна определба за ефикасна и професионална јавна администрација, што е предвидено во Нацрт текстот на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 година и побара проактивно работење веднаш, за ефикасна реализација.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Ги почнавме преговорите со Европската Унија - во тек се состаноците во рамки на билатералниот скрининг – колку што сум информиран билатералниот состанок за реформа на јавната администрација се одржа минатата недела, на 6-ти декември.
Реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети на Владата, но сега се издигнува како прашање од исклучителна важност и за процесот на преговори со Европската Унија, со фактот дека е една од клучните области од Кластерот Основи.
Како што сите веќе знаете, јас го изразив моето очекување Република Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија до 2030 година. И ова е остварливо, доколку секој покаже државничко однесување во периодот пред нас. Секако дека на тој пат има политички предизвици што треба да се решаваат и ќе ги решаваме.
Но, тоа не значи и не смее да значи дека реформите може и треба да чекаат.
Напротив, реформата во јавната администрација мора да ја спроведеме, не само како услов за ЕУ, туку пред сѐ поради квалитетот на живот на граѓаните дома, во нашата држава.
На сите ни е јасно дека има уште многу да се сработи на овој план.
Ефикасна јавна администрација е очекување на граѓаните. Тоа го ветивме во Програмата за работата на Владата 2022-2024. И зборувањето, плановите, предлозите, конечно мора да се операционализираат на ниво на функционални решенија, односно напорите за подобрувања во оваа област, да почнат да даваат видливи резултати. Сѐ додека тоа не се случи, ние можеме да велиме дека многу е работено и сработено, но незадоволството ќе постои – и кај граѓаните и кај бизнис заедница. Со тоа ќе остане и притисокот врз нас како Влада дека може и треба да се сработи повеќе, а ќе се провлекува и како предизвик во усогласувањето со стандардите и начелата за администрација и за добро владеење од успешните европски пракси.
Ги погледнав наодите од Извештајот за евалуацијата за Стратегијата 2018-2022 година и факт е дека се работело, но факт е и дека изостануваат резултати коишто би ја подобриле перцепцијата кај јавноста дека има значителни подобрувања што им ја олесниле достапноста до институциите или ефикасноста во добивањето на услугите.
И тоа се однесува за институциите како на централно ниво, така и на локално ниво.
Менталитетот е нешто што не се менува преку ноќ.
Но, тоа што зависи од сите нас – од Владата, од локална самоуправа и од другите, по Устав независни власти, законодавната и правосудната власт - тоа мора да го направиме.
Очекувам, кон остварување на визијата за деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација, којашто обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и за бизнис заедницата, веднаш, како што стои во Нацрт текстот на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, да се премине во остварувањето.
Реформирана јавна администрација, согласно начела и вредности суштествени за европскиот административен простор, којашто придонесува кон одржлив економски раст, владеење на правото, социјална кохезија и благосостојба – е очекување од Република Северна Македонија во периодот до кога се очекува државата да стане полноправна членка, па и понатаму.
Ова е неопходност, бидејќи директно го засега квалитетот на живот на граѓаните, како и работата на приватниот сектор дома – и повеќе нема простор за „ќе“.
На оваа седница барам, при утврдувањето на приоритетите во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023 – 2030 година, да се поставиме веднаш прокативно и кон креирање на мерки и активности од Акцискиот план за нејзина реализација, со прецизни очекувања, до кој рок, што може и треба да биде реализирано, но и со проекции за финансиските импликации. Само така ќе покажеме дека сме цврсто решени и сериозни во намерите за успех во реформите.
Приоритетни цели мора да бидат деполитизирана и професионална јавна администрација и следствено на тоа воспоставување на кохерентен систем на плати и реорганизирани и оптимизирани институции, со зајакнат интегритет. Ова подразбира финализирање на предлозите на законските решенија, што претставуваат правна основа за да се оди понатаму. Верувам дека министерот за информатичко општество и администрација ќе се осврне на нив во своето излагање.
Граѓаните мора да имаат доверба во администрацијата и во институциите и да почувствуваат тие постојат и работат за нив и за нивните барања. Луѓето и бизнис заедницата плаќаат даноци, администрацијата се финансира од тие пари во Буџетот и граѓаните имаат право на ефикасни, економични и пред сѐ достапни услуги, што им го олеснува, а не им го отежнува функционирањето во секојдневието.
Во делот на дигиталната трансформација, може да се види унапредување, но важно е да се овозможи и унапреди простор администрацијата да работи во средина со дигитални можности и да биде оспособена да ги применува, со што ќе се постигне и зголемен квалитет на услугите.
Реформите не постојат сами за себе, туку за сите во општеството и затоа е важно, не само институциите, туку секој поединец и сите општествени чинители да се вложат тие да успеат.
Сите стратешки документи во оваа област се делови од едно цело, кое е успешно само ако така го гледаме и ако сите заеднички придонесуваме во реализацијата.
Стратегијата за реформа на јавната администрација е тесно поврзана со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии 2022-2025 година, Програмата за одржлив економски развој и децентрализација 2021-2026, Планот за забрзан економски раст 2022-2026, Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, со нашите определби за Отворена власт и Отворено владино партнерство, па со тоа јасно е и колку важни процеси ни се поврзани и ни зависат од тоа колку успешно и колку ефикасно ќе ја реформираме јавната администрација.
Го поздравувам пристапот на Министерството за информатичко општество и администрација, за вклучување на засегнатите страни при изработката на новата Стратегијата за реформа на јавната администрација, посебно што за прв пат се предлага среднорочен документ со важност од 8 години. А како Влада и во Програмата за работа на Владата 2022-2024 година, ветивме креирање политики преку зголемена транспарентност, инклузивност и партиципативност и во оваа насока треба да продолжиме да работиме.
Добро е да се има предвид дека во процесот на пристапни преговори со ЕУ, особено е важно да има видливо зајакнување на административните капацитети на органите на државната управа и дека за тоа е потребно и прецизно пренесување на правните концепти од европското законодавство на македонски јазик, со цел постигнување ист правен ефект и униформно важење на правото, од моментот на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Ова гледам дека е земено предвид во Стратегијата.
Во рамки на овој процес, потребен ни е кадровски потенцијал којшто може да одговори на сите потребни обврски и мора да се пристапи кон зајакнувањето на човечките ресурси. Ова прашање за кадровските капацитети посебно го нагласувам, бидејќи само со стручен пристап може да создадеме и стручна администрација.
Советот реформа на јавната администрација има за цел следење на постигнувањето на целите поставени во Стратегијата за јавна администрација и јас уште еднаш овде би сакал да повторам дека мојот пристап на работа е базиран на мерливи резултати - и врз овој принцип на работа ќе продолжиме да се состануваме.
Во овој момент, кога ја финализираме Стратегијата за реформа во јавната администрација 2023- 2030 година со Акцискиот план, што треба да биде усвоена од Владата, од којашто ни зависи и задоволството на граѓаните и бизнис заедницата од институциите што ги плаќа и напредокот на евроинтеграцискиот пат - апелирам на максимална одговорност и посветеност од сите.
Очекувам да видам прецизни мерки и резултати, во утврдени рокови.
Членството во Европската Унија е наша државна стратешка цел. Економскиот развој на државата и квалитетот на услугите од институциите е наша граѓанска потреба, со што Европа ќе ја живееме дома.
Функционирањето на државниот систем е огледало на луѓето и на институциите во една држава.
Нема невозможни цели, па затоа, сите на работа и да воспоставиме ефикасни европски институции, со профил на европска администрација и да оствариме, видливи, применливи и одржливи резултати, според европски стандарди, за да постигнеме и европски квалитет на живот".
На седницата на Советот за реформа во јавната администрација, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, нагласи дека реформата на јавната администрација е дел од билатералниот скрининг со ЕУ, уште во првиот Кластер Основи од преговарачкиот процес и соопшти дека во следните месеци од нашата држава се очекува да подготви Патоказ за реформа во јавната администрација.
Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, ги презентираше извештаите и наодите од евалуацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година.
Беше отворена и експертска расправа за нотираните предизвици и препораки, што премиерот Димитар Ковачевски ги оцени како придонес во оваа важна реформа за граѓаните и во евроинтеграцискиот напредок на Република Северна Македонија.