Премиерот Груевски ги повика кинеските компании од Чингдао да инвестираат во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции, г-дин Веле Самак, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин  Висар Фида, денеска (среда, 16.05.2012 година) присуствуваа и се обратија на бизнис форумот во кинескиот град Чингдао, 5 милионски град во источна Кина, познат по брзиот економски развој кој изнесува просечни 10% економски раст годишно, во кој се развиени индустриите за информатичка технологија, електроника, автомобилска индустрија, петрохемија, производство на храна и пијалоци. На бизнис форумот присуствуваа претставници на над 100 кинески компании од регионот на Чингдао.

Претседателот на Владата Груевски се осврна на полињата на соработка и можностите за бизнис помеѓу двете земји. “Двете земји се посветени на промовирање на инвестициите во инфраструктурата, земјоделството, образованието и туризмот како нови поени на растот во билатералната соработка”, истакна Груевски.

Премиерот ги истакна поволностите кои Македонија ги овозможува на инвеститорите и го акцентираше најнискиот даночен пакет во Европа, даночните ослободувања и поддршката која ја дава државата за инвестиции во технолошко- индустриските развојни зони и субвенциите за трошоци за изградба или обука за усовршување на вработените. Притоа, премиерот го истакна проширувањето на пристапот до високото образование, особено во областите како математика, наука и информатичка технологија, и  зголемената  употребата на  компјутери и користењето на интернет во државните училишта и универзитети, како предност во создавањето на квалификувана работна сила потребна за инвеститорите.

Премиерот ги повика кинеските компании да инвестираат во Македонија. “Постојат голем број тековни инвестициони проекти за подобрување на физичката инфраструктура, како што се модернизација на енергетскиот сектор и останатата физичка инфраструктура, каде што кинеските компании може да играат значителна улога”, изјави во својот говор Груевски.

Од име на домаќинот, на форумот се обрати потпретседателот на градот Чингдао, г-дин Лиу Минџунг, кој ги истакна неговите уверувања за воспоставување продлабочени односи помеѓу компаниите од Чингдао и нашата земја. “Република Македонија е балканска земја позната по долгата историја, пријатните луѓе и изобилството на природни богатства.  Македонија и Чингдао можат да имаат иднина во соработката на разни сектори вклучувајќи го земјоделството, инфраструктурата, образованието и туризмот”, истакна Минџунг.

Вицепремиерот Пешевски пред присутните претставници на форумот се осврна на конкретни проекти од областа на енергетиката, рударството и туризмот. Министерот Веле Самак ги истакна макроекономските индикатори кои гарантираат добра клима за реализација и оплодување на бизнисите. Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида се задржа на опциите за инвестирање од областа на автомобилската и фармацевстката индустрија и инвестициските можности во земјоделскиот сектор.

Вицепремиерот Пешевски, денеска во изјава ги потврди информациите дека на вчерашниот бизнис форум во кинескиот град Ченгду е постигнат договор за извоз на македонското вино.

На презентацијата на македонските вина од девет македонски винарии во Ченгду, г-дин Фу Сјуе Ју, претседател на кинеска дистрибутивна винска компанија, која за потребите на Кина увезува вино од целиот свет, и која има повеќе од 600 дистрибутивни единици, изрази сериозен интерес за продлабочување на соработката со македонските компании, и ја истакна целта за склучување на договори за соработка и откуп на вино од македонските винарии, за која цел во идниот период, во блиска иднина, претставници на неговата компанија ќе остварат посета на Република Македонија заради финализирање на процесите и процедурите.