Министерот Димовски го посети современиот Центар за производство на семенски и саден материјал во Израел

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски во рамки на работната посета на Израел го посети целосно компјутеризираниот Центар за производство на семе и саден материјал, сопственост на Исак Либтех.

Либтех кај нас, во Свети Николе, инвестира во изградба на ист современ центар за производство на сертифициран семенски и саден материјал, кој треба да функционира по теркот на неколкуте во Израел и каде со најсовремена технологија се произведуваат хибриди од садници и семенски материјал со висок генетски потенцијал.

Министерот Димовски изрази воодушевување од функционирањето на Центарот и од можноста која им се нуди на израелските земјоделци во делот на квалитативното зголемување на производството преку употреба на семенски и саден материјал кој одговара на климатските и почвените услови во регионите каде тие произведуваат.

- Привршуваат подготовките за изградба на расадничарскиот центар во Свети Николе  за прозиводство на сертифициран семенски и саден материјал. Гјора Теслер, експерт од Центарот за меѓународна соработка на Израел – МАШАВ, од неодамна е во Република Македонија и со претставници на Министреството веќе работи на терен. Одржани се неколку работни состаноци со претставници на земјоделските здруженија од Свети Николе кои изразија подготвеност да се вклучат во реализацијата на проектот за изградба на расадничарски центар во Свети Николе, изјави Димовски по посетата на Центарот.

Според планираното, додаде, преку мали, демонстративно показни фарми, во нашата земја ќе се врши трансфер на знаење и технологија во делот на производство на сертифициран семенски и саден материјал и во другите региони во Република Македонија

За изградба на современиот расадничарски центар во Свети Николе, Министерството за земјоделство на инвеститорот му обезбеди земјоделско земјиште, а Општина Свети Николе и Министерството за транспорт и врски ќе обезбедат инфраструктура, струја, вода и пат до локацијата.

Министреството за земјоделство преку Секторот за земјоделство, Управата за семе и саден материјал, подрачните единици, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и претставници на македонско израелската компанија „Агриленд“ ќе вршат едукација на производителите.

Центрите за производство на саден материјал по извршената продажба на садниот материјал на земјоделците ќе им обезбедуваат советодавани услуги во делот на одгледувањето.

Изградбата на современиот расадничарски центар е дел од стратегијата на Владата за привлекување потенцијални инвеститори за изградба на центри за производство на саден материјал – расад, со што, како што рече министерот Димовски, позитивно ќе се влијае на земјоделските производители да почнат да ги менуваат навиките и место меркантилно семе да користат сертифициран семеснки и саден материјал кој е услов за поголем и поквалитетен род, но ќе бидат и основа за окрупнување на расадничкото производство во Република Македонија.