Се олеснуваат условите за извоз на македонските производи на европскиот пазар

Македонските акредитирани компании кои се извозно ориентирани во иднина полесно ќе можат да ги извезуваат своите производи на европскиот и на светскиот пазар.

Тоа го овозможува договорот за меѓусебно признавање на акредитациите и резултатите од оцената на сообразност меѓу земјите членки на Европската организација за акредитација (ЕА) и Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) што се однесува за областите лаборатории за тестирање, лаборатории за калибрација, инспекциски тела и сертификациски тела. Договорот, кој беше одобрен на 17 и 18 април годинава во Копенхаген на состанокот на Комитетот за мултилатерални договори на ЕА, официјално ќе биде потпишан на 24. овој месец во Мадрид.

До крајот на ноември годинава, како што истакна директорот на ИАРМ Трпе Ристоски на денешната прес-конференција, по автоматизам ќе биде потпишан и договорот со Меѓународната организација за акредитација (ИЛАЦ) со што ќе се укинат бариерите за македонските производи за сите пазари во светот.

- Со потпишувањето на договорот македонските компании акредитирани од страна на ИАРМ станаа рамноправни членки на големиот но и пребирлив европски пазар. Тоа подразбира дека резултатите издадени од македонските акредитирани тела се признаваат надвор од границите на Македонија, односно производот кој е еднаш испитан ќе биде прифатен насекаде во светот, рече министерот за економија Ваљон Сарачини.

На тој начин, нагласи, македонските компании го добија т.н. „Пасош за трговија“, но и странските компании во Македонија нема повеќе да има потреба да бараат акредитирани тела надовор од земјава.

- Поптишувањето на договорот би требало да значи дека нашите компании конечно ќе станат рамноправни бизнис играчи на светскиот пазар. Со тоа ќе можат да се применат договорите за слободна трговија на поинаков начин, односно нашите компании ќе имаат еднаков третман на европскиот пазар и конечно ќе можат да се натпреваруваат со сите други компании на овој пазар, посочи министерот Сарачини.

На сите компании во Македонија кои се уште не се акредитирани им порача тоа што поскоро да го направат. 

За претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Златко Калеников овој договор значи елиминирање на техничките бариери во трговијата при размената на македонските и европските производи.

- Ова практично значи безвизен режим за извозните компании во земјите на Европската унија. Досега покрај тоа што имавме сертификат издаден од ИАРМ во одредени области компаниите изавозници требаше  да ги заверат тие сертификати или испитувања во некои лаборатории од земјите-членки на ЕУ, појасни Калеников.

Според него, најголема корист ќе имаат македонските извозно ориентирани компании пред се од прехранбената индустрија, машинството, градежната индустрија, заштита на животна средина, испитување налекови и медицински лаборатории,...

- На останатите компании ќе им се овозможи учество на меѓународни тендери во нивните области без ограничувања или дополнителни барања  за нивната стручност и компетнетност, истакна Калеников.

Процесот на акредитација ИАРМ го започна во февруари 2009 година, а успешно го заврши во април годинава. Досега ИАРМ иама издадено вкупно 100 акредитации од кои 29 се за лаборатории за тестирање, 6 за лаборатории за калибрација , 60 инспекциски тела и 5 сертификациски тела.

ИАРМ има потпишано билатерални договори со Србија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Турција и Молдавија.