Ковачевски: Нова странска инвестиција во новата година, 2022 во ТИРЗ најуспешна досега

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја најави првата голема странска инвестиција која ќе се отвори во Технолошки-индустриската развојна зона во Штип. Станува збор за втора инвестиција на канадската компанија Magna International Inc. која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот. Компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија. Во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година. Премиерот Ковачевски истакна дека со политиките што ги креира Владата, се создава подрачје за безбедно инвестирање, а со тоа се создаваат услови за нови и добро платени работни места.  

„Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредок на државата, таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати. Остануваме фокусирани на приоритетите, на квалитетниот живот на граѓани и растот на економијата. Граѓаните и бизнис секторот се уверија и што е најважно ја почувствуваа помошта и поддршката од сеопфатниот пакет мерки за справување со енергетска криза, оваа година ќе биде подобра, но ќе продолжиме да се грижиме за сите. Владата мисли на своите граѓани и како и досега, така и во иднина, никого нема да остави да се справува сам во време полно со предизвици“, рече премиерот Ковачевски.  

Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија може уште повеќе да напредува и да се развива, а таква можност препознаваат многу странски етаблирани компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат во државата. „Технолошки-индустриските развојни зони, 2022 година ја завршија со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани се надмина и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година“, истакна премиерот.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ истакна дека 2022 е најуспешната година досега и веќе ја започнуваме годинава со нова странска инвестиција.

„Магна мехатроникс станува дел од семејството на ТИРЗ. Годинава ја започнуваме со нова инвестиција од 40 милиони евра која во првата фаза ќе донесе 600 нови работни места. Она што е важно е дека минатата година извозот на компаниите во Зоните, достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра односно 25% над највисоката точка која ја достигнавме во 2021. Годинава ја завршуваме и со нето ефект на извозот и увозот од над 10%. Тоа се пари кои се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40% од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16.300 наши сограѓани кои работат во овие компании. Само во 2022 имаме над 2.300 нови работни места.

Она што е исто така важно е дека за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4. Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава ќе продолжи забрзан раст на работни места и нови инвестиции“, изјави директорот Деспотовски.


Изјава на премиерот Димитар Ковачевски за првата нова инвестиција во 2023 и за резултатите во зоните

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја најави првата голема странска инвестиција која ќе се отвори во Технолошки-индустриската развојна зона во Штип. Станува збор за втора инвестиција на канадската компанија Magna International Inc. која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот. Компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија. Во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година. Премиерот Ковачевски истакна дека со политиките што ги креира Владата, се создава подрачје за безбедно инвестирање, а со тоа се создаваат услови за нови и добро платени работни места.  
 
Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целост:

„Нема подобра потврда дека земјата се движи во вистинска насока, од отворање на нови работни места, капитални инвестиции, зголемување плати, пензии, пакети за помош и поддршка на граѓаните, пензионерите, компаниите, субвенции за земјоделците нови странски инвестиции. 

Кога стапив на функцијата премиер, целта ми беше да изнајдам начини, да донесам одлуки и решенија за животот на граѓаните да го променам и да го направиме подобар, поквалитетен и попросперитетен.

Почитувани медиуми, вие веќе на брифинг со директорот Деспотовски ги слушнавте бројките и анализите, како ТИРЗ ја заврши 2022 година. Да, се случи во време на најголема енергетска криза, во време на криза со огромен раст на цената на струјата, гасот, голем раст на цените на прехранбените производи, општо на живеачката, не само овде во Северна Македонија, не само во регионот, туку секаде во светот, во сите земји каде економијата, платежната моќ и стандардот се на повисоко ниво, да ја имаме најдобрата година до сега од постоењето на ТИРЗ е навистина успех. 

2022 ја завршивме со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година.

Јас верувам дека Северна Македонија може уште повеќе да напредува и да се развива и среќен сум што таква можност препознаваат многу странски инвеститори, етаблирани компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат овде кај нас. Трендот, се повеќе странски компании да отвораат свои фабрики овде во земјава ни е од голема помош и тоа ќе донесе економски раст и напредок на земјата, раст на платите и пензиите, а сето тоа позитивно ќе се одрази на квалитетот на животот на граѓаните. Владата што ја предводам создава подрачје за безбедно инвестирање, наша цел е да создадеме услови по светски терк неопходни за непречено функционирање на компаниите без разлика дали тоа се странски инвеститори или домашни.

Денеска ќе објавам една убава вест заедно со директорот, Magna International Inc. канадската компанија, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот, оствари стабилен раст на европскиот пазар и се појави потреба од нова фабрика на една од 9-те групации. Спроведеното истражување на потенцијални локации за отворање на нова фабрика во Европа опфати повеќе држави, но компанијата одлучи за инвестирање и отворање фабрика да ја избере Северна Македонија, на понудена локација во ТИРЗ Штип. Значи по отворањето на фабрика во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија, каде според бизнис планот на компанијата ќе се вработат 1.000 луѓе, во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да започне годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година.

Вака почитувани граѓани, се создаваат просперитетни услови во државата, не со зборови, не со политички пораки, паметувања, надмудрувања, деструктивност, туку со многу работа, решителни одлуки и визија. 

Владата овој период креираше политики да им овозможи на компаниите да влезат во инвестициски процеси, а сето тоа доведува до забрзан економски раст на државата, раст на БДП, како и етаблирање на Северна Македонија на глобалните пазари во Европа и светот. Нудејќи стабилност за инвестициите во земјава, создаваме подрачје за безбедно инвестирање, а со тоа создаваме услови за нови и подобро платени работни места за нашите граѓани, за нашите млади, дома да работат во европски и светски познати компании. Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредок на државата, таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати.

Остануваме фокусирани на приоритетите, на квалитетниот живот на граѓани и растот на економијата. Граѓаните и бизнисот се уверија и што е најважно ја почувствуваа помошта и поддршката од сеопфатниот пакет мерки за справување со енергетска криза, оваа година како што веќе кажав ќе биде подобра, но ќе продолжиме да се грижиме за сите без исклучок. Владата мисли на своите граѓани и како и досега, така и во иднина, никого нема да остави да се справува сам во време полно со предизвици.

Ова за мене е само почеток, дојде време Северна Македонија да напредува. Земјата има европска перспектива и јас од патот кон ЕУ не отстапувам. Северна Македонија може да бележи економски раст, оваа земја може да биде меѓународно почитувана, може да негува добрососедски односи, практикува европско законодавство, членка е на НАТО, а заложбата на сите нас е што побрзо да влезе и во европското семејство. Ова не е обврска и политика само на СДСМ и коалиционите партнери, тоа е обврска на сите политички, невладини, граѓански, експертски чинители во државата. Таа обврска ја имаме кон граѓаните. Времето на празни и истрошени политички фрази заврши, време е на граѓаните да им обезбедиме членство во Европската Унија, а со тоа  подобар, поквалитетен и побогат живот.“