Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска оствари работен состанок Адела Моника Аксинте, амбасадорка на Романија во нашата држава.
На средбата се разговараше за можноста за унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и Романија во областа на креирање на антикорупциски политики, имплементирање на принципите за добро владеење, како и споделување на корисни искуства од Романија во процесот на пристапување кон Европската Унија.
На состанокот беше истакната определбата на Владата за што поскоро започнување на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, потенцирајќи дека тие се многу важни за остварување на бенефитите на сите граѓани во земјата.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за пријателството и поддршката што Романија и ги дава на нашата држава и, во тој контекст, информираше дека Кабинетот за политики за добро владеење е фокусиран на неколку проекти поврзани со зајакнување на антикорупциските политики и интегритет кои ќе се реализираат во наредниот период.
Амбасадорката Аксинте посочи дека нашата земја може да очекува експертска поддршка од Република Романија, во периодот на скрининг процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Од особено значење за мене е што ја добивме целосната поддршката за продолжување на патот на реформите, коишто за нас се од клучно значење и се во насока на доброто на граѓаните”, посочи вицепремиерката Грковска.