Владина делегација на бизнис форум во Хонг Конг ги претстави можностите за инвестирање во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции, г-дин Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Висар Фида, денеска(петок, 18.05.2012 година) присуствуваa и се обратиja на бизнис форумот во Хонг Конг, кој се наоѓа на второ место според вкупното рангирање на Светската банка во однос на леснотијата на водење бизнис и кој претставува еден од најголемите финансиски, индустриски и бизнис центри во светот, чии инвестиции на компании кон надворешно економски проекти и субјекти, изнесуваат 70 милијарди долари.

Пред одржувањето на бизнис форумот, премиерот Груевски оствари средба со г-дин Сајмон Галпин, главен извршен директор на Агенцијата за инвестиции и промоција на Хонг Конг, тело преку кое се воспоставуваат релации во врска со инвестициите и со чија улога и поддршка се реализираат дел од инвестициите на хонгконшките субјекти кон странство. Соговорниците на средбата ја истакнаа благовременоста и целисходноста на посетата на владината делегација на Хонг Конг, и изразија уверување за понатамошно интензивирање на соработката и контактите во функција на инвестиции во Република Македонија. Во функција на соработката, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, потпиша Меморандум за соработка и поддршка со хонгконшката Агенција и Стопанската комора, документ кој обезбедува формална рамка за динамизирање на контактите, размена на искуства и заедничко учество во комерцијално-технички анализи за реализација на инвестициски проекти.

На бизнис форумот премиерот Груевски пред поголема група на претходно таргетирани компании со помош на хонгконшката Агенција, ги истакна предностите од отворањето бизнис во Македонија за хонгконшките бизнисмени и се осврна на поволностите кои нашата земја ги нуди за реализација на инвестиции.

“Македонија е лидер во реформите во Југоисточна Европа, се наоѓа на дваесет и второ место на листата на извештајот Дуинг бизнис, а во однос на леснотијата за започнување на бизнис, се наоѓа на шесто место во светот. Странските инвеститори лоцирани во Македонија имаат отворен пристап до пазарот од над 660 милиони потрошувачи во цела Европа. Имаме макроекономско окружување кое ја поттикнува довербата на претприемачите, а даночното оптоварување е многу ниско според меѓународните стандарди”, истакна Груевски.

Претседателот на Владата Груевски се осврна и на поволностите во специјалните економски и развојни зони. “Поради побарувачката од странските инвеститори, отвораме уште три нови развојни зони, кои ги нудат следниве предности: ослободување од персонален данок на доход и данок на добивка за првите десет години од работењето, даночно ослободување за реинвестираната добивка, ослободување од данокот на додадена вредност, царински давачки и акцизи на извозни стоки, како и ослободување од комунални и административни такси, субвенции за трошоци за градење или обука за усовршување на вработените, а земјиштето се дава под закуп под поволни услови за период до деведесет и девет години, каде се предвидени  бесплатно поврзување со гас, електрична енергија и други комунални услуги”, изјави Груевски во обраќањето.

Сајмон Галпин во своето обраќање на форумот истакна дека македонската делегација го погодила тајмингот на посетата. “Хонг Конг е меѓу првите неколку земји во светот по вредноста на реализирани инвестиции кон надворешни субјекти. Презентацијата на можностите пред нашите компании може да ги забрза воспоставувањето на контактите и разгледувањето на Македонија како потенцијална инвестиција за хонгконшки компании”, истакна директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција на Хонг Конг.

Вицепремиерот Владимир Пешевски во својата презентација се осврна на проектите за реализација на инвестиции во туристичко- угостителските развојни зони и на енергетските проекти, како и на можноста за искористување на рудниот потенцијал.

Министерот Веле Самак ги презентираше и можностите за инвестиции во автомобилската, фармацевтската и прехранбената индустрија.

Директорот Висар Фида се осврна на поддршката на државата во инвестицијата преку учество во изградбата на капацитетите и олеснетите процедури, за отворање фирма и градење на објекти.

Владината делегација ќе ја посети и хонгконшката берза, а во текот на денот премиерот Груевски ќе оствари средба со Доналд Цанг, шеф на извршното тело на специјалниот административен регион Хонг Конг-Народна Република Кина.