„Во 2023-та година продолжуваме со стратегискиот пристап и бројните планирани проекти за коишто отворивме нови можности. Но, најважниот проект за иднината на граѓаните и на државата е европскиот проект, за којшто исто така отворивме можности и којшто отвора пат за ефикасна реализација, според европски стандарди, на сите други проекти.
За таа цел, повикувам на одговорно однесување, во име на добрата иднина на сите и на нашата држава“, порача премиерот Димитар Ковачевски, во обраќањето со кое ја отвори Годишната конференција „Година на нови можности“.
Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека новите исчекори во реализацијата на оваа стратешка цел овозможуваат натамошни инвестиции и квалитет на живот каков што очекуваат граѓаните.
„Инвеститорите сакаат сигурност и предвидлива клима за инвестирање. А инвестициите и новите работни места се резултат на храбрите и мудри одлуки што ги донесовме кога Република Северна Македонија стана членка на НАТО.
Ја осигуравме безбедноста на државата и како што рековме, овој чекор веќе придонесува и на економски план - и тоа во специфичното време во кое живееме.
Напредокот на државата дополнително ќе го осигураме со европските интеграции и членството во Европската Унија“.