Арифи се обрати на Конференцијата за зајакнување на економската иднина на Блискиот Исток

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи денеска се обрати на Форумот во Доха и Конференцијата за зајакнување на економската иднина на Средниот Исток во рамки на петтата сесија Политички промени и граѓански права на Блискиот Исток, насловена „Правата на заедниците во светло на меѓународното право”.

Како што соопшти Секретаријаот за европски прашања, во своето обраќање Арифи се осврна на придонесот на Охридскиот рамковен договор за зајакнувањето на правата на малцинствата во Република Македонија, при што подвлече дека овој документ одигра клучна улога во градењето на демократските принципи во државата и нејзиното трансформирање во функционална мултиетничка демократија.

На маргините на Форумот, кој се одржува од 20 до 22 мај, Арифи оствари средба и со премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеик Хамад Бин Јасим Бин Џабр Ал-Тахани, а оствари и официјална средба со вицепремиерот и министер на Советот за министерски прашања Ахмед Бин Абдула Ал Махмуд. Во разговорите беше подвлечена билатералната соработка меѓу двете земји како и поддршката на Катар за повеќе проекти во Македонија од областа на културата, образованието, здравството и библиотекарството.

Во рамки на посетата Арифи ќе го посети и Државниот универзитет на Катар каде ќе се сретне со ректорот шеик Абдула Ал Миснад.