„Jа изразувам мојата почит и поддршка кон вас украинскиот народ, за вашата храброст, истрајност и одлучност да ја одбраните сопствената територија. Ваков чин на брутална агресија и терор врз цивилно население, деца, жени, стари лица се незамисливи за било која цивилизација во 21-от век. Затоа од самиот почеток Владата на Република Северна Македонија ја осуди руската агресија врз Украина, која е неоправдана и со ништо не е испровоцирана. Без двоумење застанавме на страната на правдата и човечкото достоинство, на страната на вистината“, рече министерката Славјанка Петровска на денешната прес-конференција со нејзиниот украински колега Олексеј Резников во Киев.
Петровска упати порака до украинското лидерство и украинскиот народ дека Северна Македонија силно ја осудува руската агресија врз Украина и даде полна поддршка за нејзиниот суверенитет и правото на самоодбрана.
„Ние бевме јасни и гласни од самиот почеток на агресијата, пред речиси точно една година кога рековме не на крвопролевањето, не на уништувањето во 21 век. Мирот мора да биде вратен веднаш“, рече Петровска.
Министерката се осврна и на досега укажаната хуманитарна и воена помош за Украина која ја даваме зашто цврсто веруваме во правото на секоја земја за самоодбрана и почитувањето на правилата и принципите на кои се основа меѓународната заедница.
Министерот Резников изрази силна благодарност за сета поддршка од Северна Македонија и порача дека тоа украинскиот народ нема да го заборави. Нарекувајќи ја Петровска храбра министерка која во знак на пријателство допатувала во храбра земја, Резников потенцираше дека Украина е решена да го врати мирот.
Во Киев, министерката Петровска положи венец со свежо цвеќе на Ѕидот-паметник на паднатите за Украина, а имаше можност во градот Ирпин, местото каде украинските сили го запреа напредокот на руските сили кон главниот град Киев, да биде сведок и на разрушувањата предизвикани од бесправната и неиспровоцирана руска агресија врз самостојна и независна Украина.