Концесии за 66 ловишта во државата

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска додели договори за концесии за 66 ловишта  во девет ловни региони во државата на 18 концесионери. За ловиштата со ситен дивеч концесијата е со траење од десет години, а за крупен 20 години.

Во  Кривопаланечкиот регион со шест ловишта ќе стопанисуваат два концесионера, во Македонски  Брод со седум  ловишта еден концесионер, а во Струмица 11 на  пет концесионери. Во Прилеп седум ловишта  се поделени на два концесионара, во Тетово девет на тројца концесионери, во Гостивар шест ловишта на четворица. По еден концесионер ќе стопанисува со две ловишта во Неготино, со четири во Пробиштип и со едно ловиште во Ресен.

При  стопанисувањето концесионерите зависно од состојбата во ловиштата во кои ќе спроведат попис, треба да внесат дивеч, да формираат ловочуварска служба, да изградат објекти... Планираните активности согласно понудените програми на огласот се задолжителни и ќе ги контролираат инспекциските служби.

Со исполнување на обврските концесионерите сметаат дека ќе се воведе ред во ловиштата, ќе се надомести фондот на дивеч таму каде што поради криволовството е намален и ќе се создадат услови за развој на туризмот.

- Влеговме во овој  бизнис затоа што во  Гостивар подолго време немаше концесионер. Има простор да се воспостави некој ред. Ако сите имаме добра едукација за одржување и развивање на дивечот сметам дека ќе успееме. Веројатно во првите две-три години ќе имаме сигурно поголеми напори, но ловот не го гледам само да се лови и да се убива туку можност за рекреација во природа и за развој и на туризмот, изјави Владимир Глигоровски, концесионер на ловишта во Гостивар.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски е задоволен од спроведувањето на огласот за доделување на концесиите,  распишан врз основа на стариот Закон за ловство.  Комисијата која беше задолжена да ја спроведе постапката во целост ја извршила својата задача затоа што немало поплаки од ниту еден од субјектите кои аплицирале.

- Најголем дел од понудите на огласот, освен тие што не беа земени предвид поради некомплетна документација, врз основа на програмата која ја понудија  беа на високо ниво. Тоа е само потврда за високата свест на ловците заради тоа што тие за среќа  ловот не го сметаат само како рекреација, туку и како грижа на животните, рече Димовски, појаснувајќи дека ловните друштва својата грижа особено ја покажале со прихраната на дивечот во зимскиот период кога имаше големи снегови.

Министерот Димовски најави дека следните огласи  ќе бидат спроведени со  измените на Законот за ловство, но по пат на електронско јавно наддавање.