Сарачини-Жерјав: Македонија и Словенија да ги искористат можностите што ги нудат пазарите на двете земји

Трговската рамена меѓу Македонија и Словенија е недоволна и има можност да се искористат пазарите на двете земји, констатираа министерот за економија Ваљон Сарачини и словенечкиот министер за економски развој и технологија Радован Жерјав по денешната средба во Љубљана.

Туризмот, особено геотермалниот и бањскиот, трговијата, енергетиката и словенечките инвестиции во Македонија, јави известувачот на МИА, беа главна тема на разговор на двајцата министри. Договорено е во склоп на македонското Министерство за економија да се отвори контакт канцеларија во која словенечките инвеститори ќе можат поефикасно да ги завршат административните работи.

- Во делот на туризмот заклучивме да се формира конзорциум од страна на словенечките компании кои имаат знаење, капацитети и желба да инвестираат во геотермален и бањски туризам. Им понудивме четири локации за бањски туризам - Дебар, Кочани, Стрновец и Куманово. Очекувам предлози на попладневната средба со словенечките стопанственици за да се дефинираат деталите за инвестирање во бањскиот туризам во Македонија, рече министерот Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека пред неговиот колега го промовирал концептот за туристички развојни зони што побудило интерес од словенечка страна за инвестиции. - Интерес има и за изградба на мали и големи хидроцентрали, како и за фотоволтаични централи, но и за отворање фабрика за производство на соларни панели, како и за експолатација на минерални суровини, потенцира Сарачини.

Словенечкиот министер Жерјав истакна дека првпат по 2003 година кога е склучен Договорот за слободна трговија меѓу двете земји се договориле во октомври во Скопје да се одржи состанок на Мешовитиот комитет на кој ќе се разгледаат сите проблематични теми.

- Со мојот колега разговаравме за можноста Словенија во Македонија да гради хидроцентрали, меѓу кои стана збор и за 12. хидроцентрали што се планира да се градат на Вардар, бидејќи имаме капацитети дури 95 отсто од опремата сами да ја произведеме, рече Жерјав.

Во врска со спорот меѓу АД ЕЛЕМ и словенечката РИКО за хидроцентралата Св. Петка на реката Треска и пробивањето на роковите од словенечката фирма за изградба беше истакнато дека се во фаза на решавање и оти во наредните десетина дена треба целосно да бидат решени.