Владин тим предводен од премиерот Груевски на бизнис форуми во Торино и Милано

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 23 мај 2012 година) ќе го предводи владиниот економски тим кој ќе оствари презентација на економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе заинтересирани италијански инвеститори на бизнис форуми во Торино и Милано, Република Италија.

Во владиниот економски тим покрај претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, се и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Висар Фида.

Бизнис форумите се организирани во соработка со Стопанската комора на Торино и Стопанската комора на Милано. Покрај овие два бизнис форуми, за време на престојот во Милано претседателот Груевски и членовите на владиниот економски тим ќе присуствуваат и на работната вечера во организација на Американската комора (Amcham) во Италија, на која ќе бидат присутни претставници на повеќе италијански компании.

Во рамки на настаните предвидено е одржување и на поединечни средби со неколку заинтересирани инвеститори на кои ќе им бидат претставени економските потенцијали и можностите за инвестирање во Република Македонија.