Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Министерството за економија оствари работен состанок со претставници од американска бизнис заедница, кои се во посета на Северна Македонија.
Главна тема на состанокот на кој присуствуваа и специјални претставници од Стејт Департментот беше зајакнување на соработката и реализација на инвестиции пред се во делот на енергетиката.
Министерот Бектеши го поздрави интересот на американските компании за инвестиции во Северна Македонија и ги презентираше условите и можностите за реализација на инвестициски проекти во земјата, пред се во делот на зелена енергија и обновливи извори.
Министерот Бектеши информираше дека Северна Македонија засилено работи на енергетска транзиција и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси.
Земјата, како што кажа министерот Бектеши започна инвестиции во делот на инфраструктурата во енергетскиот сектор, а се реализираат големи инвестиции во обновлива енергија кои наскоро ќе доминират во производството на електрична енергија.
На состанокот присуствуваа претставници од Ексим банка, Иновацискиот фонд за енергетика на Безос, Сименс Енерџи, заменик претседател на американско централно европската бизнис асоцијација и други.