Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава Дејвид Гир, на прес-конференција ја потенцираа заложбата на Европската Унија во поддршката на Северна Македонија да ги надмине предизвиците од глобалната економска и енергетска криза.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен при посетата на нашата земја во октомври минатата година најави грант од 80 милиони евра како буџетска поддршка за ублажување на кризата. Премиерот Ковачевски посочи дека грантот од 80 милиони евра од ЕУ е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
„Овие средства се веќе достапни и се дел од пакетот антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра кои Владата ги донесе и кој според податоците на Светска банка е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата. За 2023 година во буџетот во посебна програма предвидени за справување со енергетска криза се 225 милиони евра. Покрај мерките со сеопфатен план за реализација, Владата со силна волја во соработка со сите институции, со министрите, со поддршка и партнерство и со земјите од регионот како и со Европската Унија, спречи ценовен шок и овозможи стабилно снабдување со електрична енергија. Успеавме да го зголемивме производството од домашните капацитети, да осигураме стабилност на цената на струјата, а тоа пак влијае директно врз стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата“,рече претседателот на Владата.
Ковачевски истакна дека покрај мерките со сеопфатен план за реализација, Владата со силна волја во соработка со сите институции, со министрите, со поддршка и партнерство и со земјите од регионот како и со Европската Унија, спречи ценовен шок и овозможи стабилно снабдување со електрична енергија.
„Кризата ја претворивме во можност. АД ЕСМ во јануари и февруари го зголеми производството за 50 % во споредба со истиот период лани и во целост го исполнува планот за производство. Зголеменото производство на електрична енергија во Државните електрани, овозможи ЕСМ Продажба значително да ги намали набавките на струја на берзите.
Паралелно, преку зголеменото производство ЕСМ обезбедува евтина струја за училиштата, образовниот процес да се одвива во училиштата, за јавните комунални претпријатија преку кои граѓаните се снабдуваат со вода, како и за прехранбената индустрија“, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека сите мерки кои се преземаат од страна на Владата се со цел да се има сигурно и стабилно греење, со што се покажа дека планот дава резултати.
Евроамбасадорот Гир истакна дека од клучна важност за ЕУ е поддршката за граѓаните и компаниите но и за нови инвестиции.
„Нашата поддршка е поткрепена со акциски план кој што треба да ја обезбеди имплементацијата на одржливите реформи во енергетскиот сектор, ова мора целосно да се имплементира. Но, овие 80 милиони евра се само дел од еден поширок пакет вреден 1 милијарда евра кој што ЕУ го подготви за целиот Западен Балкан. Голем дел од овие пари се веќе достапни за да се поддржат инвестициите во зелената енергетска транзиција, транзиција која што станува навистина се поитна. Ова е покрај оние при кои што ЕУ и нејзините партнери ги обезбедија за енергетскиот сектор во оваа држава, ова не се бројки, ова се луѓе, не се апстрактни обврски, туку практична помош за да се обезбеди заштита сега и да се помогне да се изгради поодржлива зелена иднина заедно. Тука во Северна Македонија на Западен Балкан и во ЕУ. Затоа што енергијата не поврзува и затоа што знаеме дека сме семејство, и затоа што сме уверени дека нашата заедничка иднина лежи во ЕУ“, рече евроамбасадорот.
Прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати пред министрите и евроамбасадорот Гир.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„Почитуван амбасадор Гир,
Почитувани присутни,
Почитувани медиуми и граѓани,
Ви благодарам за присуството и за тоа што денес го следите настанот со делегацијата на Европската Унија во земјава.
Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на Европската Унија уште на почетокот за финансиската поддршка, од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.
Денешниот настан е важен, од три аспекти:
1.Прво, нашите барања до Европската Унија, во услови на најголемата светска криза која ја паметиме од Втората светска војна па наваму се реализираа.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дерЛајен при посетата на нашата земја во октомври минатата година, порача дека Европската Унија ќе биде покрај Северна Македонија и заедно ќе ги надминеме предизвиците од најголемата глобална економска и енергетска криза, предизвикана од воената агресија врз Украина.
Кога го потпишавме договорот ФРОНТЕКС, претседателката Фон дерЛајен, најави грант од 80 милиони евра - буџетска поддршка за ублажување на кризата. Овој грант е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
2. Второ, што особено ми е драго, што овие средства се веќе достапни и се дел од пакетот антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра. Оваа поддршка е највисока во регионот, тоа го потврди и Светска банка. За оваа година во буџетот имаме издвоени 225 милиони евра за поддршка за справување со енергетска криза.
Мерките што ги преземавме, даваат резултат. Се зголеми производството на струја од домашните капацитети, осигуравме ценовна стабилност, што директно влијае врз заштита на стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата.
Кризата ја претворивме во можност. АД ЕСМ во јануари и февруари го зголеми производството за 50 % во споредба со истиот период лани и во целост го исполнува планот за производство. Зголеменото производство на електрична енергија во Државните електрани, овозможи ЕСМ Продажба значително да ги намали набавките на струја на берзите.
Презедовме мерки со кои овозможивме евтина струја за училиштата, за јавните комунални претпријатија, како и за прехранбената индустрија.
Намалувањето на цената на струјата за 20% за 72 илјади фирми кои се на регулиран пазар и задржување на цената за домаќинства на исто ниво, е само потврда за правилните и навремено преземени мерки.
Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Планот дава резултат. Ова е вистинска грижа за граѓаните и за компаниите и ова е најголема потврда за исправните политики на Владата како и најголем демант за сите оние кои во текот на последниот квартал минатата година прогнозираа најцрни сценарија за нашата држава.
Доколку ЕСМ продолжи со реализацијата на зголемено производство, тоа ќе биде аргумент плус, кој ќе му овозможи на Регулаторната комисија за енергетика да носи одлуки во интерес на граѓаните. Ние правиме се што е во наша моќ - а тоа е да го реализираме планот за зголемено производство, за цената да биде стабилна и граѓаните да користат евтина тарифа. Дали истата ќе има проширени интервали на користење, во текот на наредниот период ќе покажат анализите на Регулаторната комисија.
3. Трето, Наш приоритет е и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб.
Последните податоци покажуваат дека имаме пораст на интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија. Од 1 јануари 2022 година до 28 февруари оваа година, има нови фототанапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори, со капацитет да ги покријат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија Ова значи дека овие капацитети од обновливи извори на енергија може ги покријат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран. Во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа.
Сите овие политики и мерки кои навремено се преземаа и се реализираат се за граѓаните, на компаниите и за државата.
Оваа криза покажа дека сојузништвото е неопходно за справување со најтешките периоди кои ги донесе оваа криза. Затоа, оваа финансиска помош од ЕУ покрај тоа што е најголема во регионот споредено со големината на земјите, таа е и повеќе од финансиска помош. Таа е знак на сојузништво, на пријателство помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Затоа уште еднаш упатувам благодарност за поддршката што ја добивме од Европската Унија во износ од 80 милиони евра, кој сега го добивме. Исто тука мора да го споменам и 100 милиони евра макрофинансиска помош која што исто така ја имаме од ЕУ, како и поддршката на инвестиции во државата во делот особено на енергетиката и на другите инфраструктурни проекти преку ЕБОР и ЕИБ, како и преку другите фондови на ЕУ.
Ви благодарам.“