Владата на Република Северна Македонија ја замрзна цената на лебот, а следуваше и замрзнување на цената на тестенините и млечните производи. Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „Трилинг“ посочува дека одлуката на Владата доаѓа откако и покрај користењето на антикризните мерки, субвенции за електрична енергија, дел од производителите не ги намалија цените на прехрамбените производи за 10%. Владата со пакетот антикризни мерки вреден 760 милиони евра, овозможи најранливите категории граѓани и компаниите полесно да ги надминат предизвиците од економско-енергетската криза. Во пакетот мерки беше вклучено и субвенционирање на електрична енергија 80% од реалната цена, за граѓаните да плаќаат пет пати помали сметки за струја за разлика од она што ги плаќале без субвенција од државата.
„Во однос на основните прехранбени производи во комуникација со стопанските комори и со нивните сектори особено со секторот за производство на основните прехранбени производи донесовме мерка за субвенционирана цена за електрична енергија. За овие компании, 80 евра за мегават час во услови кога на берзите цените на електрична енергија беа 500 евра мегават час. Тоа беше дел од еден џентлменски договор кадешто Владата овозможи таа електрична енергија да е поддржана со пари од буџетот којшто се полни со пари на граѓаните. Компаниите требаше да ги намалат цените за 10%. Дел од компаниите ги намалиле цените, дел не ги намалиле затоа следуваше следната мерка на Владата, а тоа беше замрзување на цената на лебот, на 33 денари за 400 грама за бел и полубел леб. Следуваше и намалување на тестенините, на дел од млечните производи, на дел од други прехранбени производи. Сега имаме намалување на тестенините за 15%, на млечните производи за 10% и со тоа имаме реално намалување на цените, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот во интервјуто кажа дека производството на електрична енергија во земјава годинава е зголемено за 50% во однос на истите месеци во минатите години и сите државни капацитети се во функција.
„Направени се сите ремонти во РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино. Предвидувањата на скептиците и критичарите беа дека ќе имаме рестрикции, немавме рестрикции, немавме покачување на цената на електричната енергија. Од 1 јануари имаме намалување за 20% на цената на електричната енергија за 72.000 компании на регулираниот пазар и иста цена за електрична енергија за 90% од домаќинствата коишто рационално ја користат електричната енергија. Во државата имаме и енергетска трансформација, бидејќи секоја криза се користи и како можност за трансформација на одредени делови од индустријата. Таа трансформација е транзиција во обновливи извори на енергија и деверзификација на снабдувањето со електрична енергија и други енергенси“, рече премиерот Ковачевски.
Од минатата година до крај на февруари годинава, во нашата држава преку обновливи извори на енергија се произведуваат 182 мегавати, доминатно е прозиводството преку фотоволтаици.
„Тоа се инвестиции од приватни инвеститори, една државна инвестиција од 10 мегавати во Осломеј. Следуваат нови инвестиции, најголемата „ГЕН-И“ од Словенија, со производство до 17 мегавати. Голем број на македонски компании инвестираа на својот простор да произведуваат електрична енергија. Практично со оваа електрична енергија којашто се произведува од овие 182 мегавати може да се задоволат потребите на седум града со над 67 илјади жители“, изјави премиерот Ковачевски.