Премиерот Груевски на прием кај папата Бенедикт Шеснаесетти

Премиерот Никола Груевски, кој ја предводи македонската државно-црковна делегација во Италија, денеска во Ватикан беше примен од поглаварот на Римокатоличката црква Бенедикт Шеснаесети, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

- Го информирав за состојбите во Република Македонија, за нашата црковна цел, за ЕУ, за НАТО, за нашите напори за унапредување на економијата, но  и за многу други работи кои не поврзуваат, а пред се не поврзуваат две личности, Свети Кирил и Мајка Тереза, рече Груевски.

Тој го информирал Папата дека покрај тоа што е направена спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, од неодамна и комплексот клиники се преименувани во чест на нејзиното име, како и тоа дека се планира да се гради нејзин монументален споменик. 

На церемонијата, премиерот Груевски и папата  Бенедикт Шеснаесетти си разменија подароци, при што Груевски на поглаварот на Римокатоличката црква му подари резба со претстава кога птиците чувари го откриваат божјиот дар - животот, верата и надежта и вербата и повикот на христијаните кон љубовта и кон семоќниот Бог.

Во Ватикан во тек е тет-а-тет средба на Груевски со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчизио Бертоне.

По аудиенцијата кај понтифот и средбите во Ватикан, во црквата „Свети Климент“ во Рим ќе биде одржан молебен на гробот на Свети Кирил, кој се одржува по 44-ти пат.

Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, делегацијата предводена од премиерот Никола Груевски вечер ќе го посети музејот „Монтемартини“, каде ќе присуствува на отворањето на изложбата „Антички теракотни фигури од Македонија“ во организација на Музеј на Македонија, како и на концертот на Ана и Игор Дурловски во пијано придружба на Александро Д‘ Агостини.

Во состав на државната делегација се вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска. Во црковната делегација се митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, митрополитот европски Пимен и скопскиот бискуп Киро Стојанов.