Битиќи од посетата на компанијата „Глас Флекс“: Задоволен сум кога го гледам успехот на домашни компании кои државата партнерски ги поддржува

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денес ја посети компанијата „Глас Флекс“, која функционира во склоп на ТИРЗ Тетово.

При посетата, вицепремиерот Битиќи рече дека е среќен што може да ја сведочи успешната работа и растoт на нашите компании, кои државата партнерски ги поддржува, додавајќи дека ова е потврда дека и домашни компании можат да работат од ТИР зоните.

„Производите од инвестицијата од 5,3 милиони евра, се наменети главно за извоз. Нивниот пласман оди на пазарите во Србија, Албанија, Црна Гора, Холандија и Германија. Силен синџир на соработка со регионалниот но и на европскиот пазар. По посетата на производствените погони можам да потврдам дека тие имаат воведено технолошки најмодерни машини, а планираат и нови дополнителни инвестиции, со план за нова линија за производство на стакло за електроволтаици и лабораторија за испитување на материјали и контрола на квалитет, со дополнителни 3,5 милиони евра инвестиции, и нови работни места“,  изјави Битиќи.

Вицепремиерот информираше дека компанијата „Глас Флекс“ е поддржана од државата која го изедначи третманот за домашните и за странските инвеститори со што ги промовира придобивките кои инвеститорите ќе ги добијат доколку решат да инвестираат во нашата земја.
 
„На крајот на 2022 година исплативме рекордни 23 милиони евра, државна поддршка кон 410 компании, токму вакви како „Глас Флекс“, компании кои и покрај кризите инвестираат, се развиваат и се стабилни за нивните вработени, кои ги гарантираат нивните работни места и отвораат нови“, рече Битиќи.

Менаџерот на фабриката „Глас Флекс“, Гоце Пешов, изрази голема благодарност до Владата која ги поддржува нудејќи ја својата помош на компаниите во ТИРЗ зоните.

„На состанокот со вицепремиерот ги изразивме нашите ставови, нашите барања од државата како помош која ние е потребна за подобрување на производството и новите иновации, но и новите линии за производство на рамно стакло, бидејќи како што кажа вицепремиерот, ние имаме доста софистицирани машини за производство на стаклото. Претежно сме извозно ориентирани и затоа ни е потреба поддршката и помошта од државата за да го зголемиме производството кон странство, што ќе овозможиме поголем број на вработени во нашата компанија“, изјави Пешов.