Претставени инвестициските потенцијали пред италијански компании на бизнис форум во Рим

Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски во кој се заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, попладнево ги претстави економските и инвестициските потенцијали пред шеесетина претставници на италијански компании на бизнис форум во Рим.

Премиерот Груевски изрази особена чест и задоволство да биде меѓу претставниците на италијанската индустрија и трговија, токму во Рим, градот со неколкумилениумска историја. - Уште во вториот век пред Христовото раѓање, Рим бил поврзан со римските провинции на јужниот Балкан, меѓу кои и Македонија, преку познатиот коридор „Виа Егнација“. Ако тогашните далечини биле совладливи за интензивна трговија меѓу нашите предци, тогаш не смееме да го игнорираме генерацискиот предизвик да ги зајакнеме политичките, економските и културните врски меѓу нашите нации, истакна премиерот Груевски на воведот од своето обраќање.

Познавајќи ги економските потенцијали на нашите земји, убеден сум дека постојат уште многу неискористени можности за трговска, и особено инвестициска соработка и токму овој форум е вистинскиот чекор во таа насока, подвлече Груевски.

Премиерот истакна дека и покрај анемичниот економски растеж на европскиот континент во последниве две години Македонија им посака добредојде на инвестициите на американските корпорации „Џонсон Контролс“ и „Кемет електроникс“, германските компании „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекселмејер“, швајцарскиот „Виндтек Интернешенел“ и повеќе други.

Република Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година. Македонија сега се наоѓа на 22-та позиција во светски рамки, меѓу 183 земји, и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа, истакна премиерот.

Овие успеси не се случајни, туку плод на длабоките и суштински реформи кои ги спроведе Владата на Република Македонија во изминатите шест години, потенцираше премиерот Груевски и ги покани италијанските инвеститори да дојдат во посета и директно да ги согледаат потенцијалите кои ги нуди македонската економија.

Своја презентација на форумот имаше и вицепремиерот Владимир Пешевски кој подетално ги запозна бизнисмените со макроекономските постигнувања на Македонија, потоа со атрактивниот даночен систем, брзите процедури за водење бизнис, како и со неколку области каде што постојат силни потенцијали за влез на странски инвестиции.

На форумот свои презентации имаа и министерот Самак и директорот на Инвест Македонија Висар Фида.

Со овој бизнис форум во Рим се заокружува економскиот дел од дводневната посетата на владиниот тим на Торино, Милано и Рим. За време на овие два дена премиерот Груевски и членовите на владиниот економски тим ги претставија инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе италијански бизнисмени на вкупно пет настани, односно на три бизнис форуми и на две работни средби што се одржаа во Торино, Милано и Рим.