Министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава од првиот Безбедносно-одбранбен форум Шуман порача дека денес, кога демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина и враќањето на мирот, суштински важно е Европската Унија да ги зацврсти партнерствата со државите во светот, а на земјите – кандидатки да им се овозможи да го продолжат интегративниот пат во духот на вредностите на кои се темели ЕУ.
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на министерката Петровска во целост:
„Во време кога демократскиот свет е обединет во поддршката за Украина, во време кога се залагаме да победат демократските вредности и кога сме посветени на враќање на меѓународниот мир заснован на правила и норми, суштински важно е Европската Унија да ги зацврсти, но и унапреди партнерствата со државите во светот. Особено важно е на земјите кандидатки да им се овозможи да го продолжат процесот на европска интеграција во духот на вредностите на кои се темели Унијата. Во време на војна на европско тло кога безбедноста се усложнува, зајакнувањето на партнерствата е клучната политичка алатка за да ги совладаме сегашните и идни предизвици, и токму затоа безбедносната агенда е обединувачка платформа преку која ги здружуваме нашите капацитети во интерес на постигнување повисоки цел за сите нации, а не за поединци“, изјави министерката.
Првиот форум Шуман се одржува под мотото „Заедно посилни во нестабилен свет“, а е организиран под покровителство на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел. Целта на овој Форум е да ја зацврсти соработката помеѓу релевантните глобални и регионални актери во областа на безбедноста и одбраната и да биде форум на кој се разговара за клучните безбедносни прашања и начините на зацврстување на меѓународниот мир и безбедност.
На Форумот учествуваат високи претставници од 27-те земји-членки на Унијата и 45 партнерски земји, вклучително и над 20 министри за одбрана, како и претставници на меѓународни и регионални организации како Обединетите Нации, НАТО, ОБСЕ, Африканската Унија, АСЕАН, Советот за заливска соработка и Лигата на арапски држави. Дел од Форумот се и голем број невладини организации, тинк-тенк организации и претставници на академската заедница.