Oколу 40 лица над 65 години на кои им е потребна грижа и нега, како и лица со намален функционален капацитет и попреченост кои живеат на територија на општина Кисела Вода, во наредниот период ќе почнат да ја добиваат неопходната помош и нега во рамки на нивните домови. За нив секојдневно ќе се грижат 20 лиценцирани негуватели од Нега центарот Кисела Вода кои ќе им обезбедуваат помош во одржување на личната хигиена, при обезбедување на потребните намирници, лекови и слично, како и во одржување на домот.
Развојот на оваа услуга е дел од сеопфатната социјална реформа на Владата и ресорното министерство, која финансиски е поддржана од Светска банка, преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, а има за цел да го одржи и подобри вкупниот квалитет на животот на корисниците во нивното семејно опкружување.
„Ефектите од воведувањето на ваквите нови социјални услуги со кои значајното се подигнува квалитетот на живот на старите изнемоштени лица, кои наместо во установа, неопходната грижа ја добиваат во нивниот дом, се вистинскиот показател за успешноста на социјалната реформа. Дополнително, преку оваа реформа се создадоа реални можности за работно ангажирање како негуватели на невработени лица, самохрани родители и лица од социјален ризик. Особено е важно што голем дел од нив се жени, што ја покажува посветеноста на министерството за економско зајакнување на жените, особено на оние од ранливите категории. Сето ова говори дека стратешка определба на Владата и Министерството за труд и социјална политика за зајакнување на човечкиот капитал, намалување на сиромаштија и подигнување на квалитетот на живот во земјата се остварува“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Со новиот центар ќе управува Црвениот крст на Град Скопје кој за воспоставување на новата социјална услуга ја доби соодветната дозвола за вршење дејност од областа на социјалната заштита што ја издава Министерството за труд и социјална политика.
„Задоволни сме што нашата организација ја доби довербата и поддршката од Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Општина Кисела Вода, да ја организира работата на негувателите од новиот Нега центар кои ќе обезбедуваат помош и нега на корисниците што живеат на територијата на оваа општина. Тргнувајќи од нашето досегашно искуство, сигурни сме дека нашите обучени негуватели ќе внесат нова свежина и радост во секојдневниот живот на корисниците, помагајќи им да ги совладаат секојдневните предизвици и животни потреби“, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.
За да се обезбеди поголема функционалност на системот и достапност на новите социјални услуги до оние на кои тие им се најпотребни, од клучно значење е улогата на општините, кои треба соодветно да ги препознаат потребите и барањата на жителите во нивните заедници и да подготват проекти за развој на социјални услуги со кои ќе аплицираат во ресорното министерство.
„Големо е моето задоволство што во општина Кисела Вода започнуваме со уште еден проект за подобрување на социјалните услуги, чија цел е значително да го унапреди квалитетот на животот на повозрасните и на лицата со попреченост кои не се во можност во целост самостојно да се грижат за себе. Од денес, преку трипартитниот договор потпишан помеѓу Кисела Вода, Минитерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на град Скопје, за што, на овие институции сакам искрено да им се заблагодарам, функционира Нега центарот, како сервис за домашна нега и грижа на стари и немоќни лица, кои од страна на сертифицирани и професионални негуватели ќе добиваат услуги прилагодени на нивните индивидуалните барања и потреби. Како општина со јасна стратегија за градење на општество во кое услугите ќе бидат достапни за сите и во кое различностите се почитуваат и вреднуваат, Општина Кисела Вода реализира бројни проекти за социјална грижа и инклузивност. Ќе потсетам дека Општина Кисела Вода е првата и единствената општина каде од пред два дена старите и немоќни лица добиваат посебен бесплатен транспорт за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Ова го реализираме заедно со Црвениот Крст. Дополнително, ние сме првата општина која вработи лице со Даунов синдром и јас и како градоначалник, но и како претседател на ЗЕЛС, упатив апел овој чекор да го следат и сите останати општини, но и институции од централната власт. Ќе потсетам и дека отворивме клуб за децата со церебрална парализа, а овозможивме и функционирање на Дневен центар за окупациона терапија за лица со попреченост. Се надевам дека ваквите позитивни примери ќе поттикнат големи промени и ќе донесат позитивни резултати во целата држава “, истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега се воспоставени и поддржани 22 проекти за воведување социјални услуги во 27 општини ширум земјата. Обезбедена е конкретна поддршка за развој на различен тип социјални услуги на локално ниво, како што се: помош и нега во домот, центри за активно стареење и дневни центри за лица со попреченост. За давање на услугите обучени се и лиценцирани над 300 лица, кои обезбедуваат стручна поддршка и нега за околу 1000 корисници.
Преку вториот јавен повик доделени се избрани се уште 12 проекти во 17 општини, кои се во фаза на лиценцирање и подготовка за спроведување на социјалните услуги. Се очекува до средината на годината да почнат да даваат услуги кон корисниците.