Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска на билатерална средба се сретна со министерот за труд, вработување, ветерани и социјална политика, Никола Селаковиќ на Република Србија. Главен фокус на средбата беше дигитализацијата на системот за социјална заштита и како тоа функционира во Република Србија.
Министерот Селаковиќ го истакна значењето на дигитализацијата за подобра социјална заштита која ќе одговори на потребите на граѓаните. Тој ја искажа заинтересираноста да се продлабочи соработката на Република Северна Македонија и Република Србија по ова прашање и истакна дека преку пренесување на добрите практики може да се подобри квалитетот на живот на граѓаните. Тој својата соработка ја предложи да започне од пониско ниво, односно да започне од Центрите за социјална работа.
Од страна на министерката Тренчевска беше иницирана и дискусија во однос на функционирањето на малите групни домови и како се одвива процесот на деинституционализацијата на територија на целата држава. Од страна на министерот Селаковиќ беше посочен и процесот на деинституционализација во Република Србија. Од страна на министрите беа посочени добрите страни на овој процес, аспектите од кој тој може да се подобри.
Средбата се заокружи со искажана меѓусебна заинтересираност за споделување на искуства со цел овозможување на еднакви можности за сите и поголема социјална заштита.