Секоја домашна компанија што смета и може да одговори на задачите, на предизвикот и да влезе да работи на овие делници, секако може да влезе во разговори со компанијата Бехтел и да се најде на пазарот во однос на овие проекти, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервјуто за МИА.
Компанијата Бехтел, согласно законот има обврска да ангажира најмалку 51% домашни ресурси, што значи овде спаѓаат човечки ресурси, но и механизација, подизведувачи кои што ќе работат овде на терен, потенцира министерот Бочварски.
„Инаку ние во моментот работиме и на многу други проекти, низ цела држава, така да домашните компании имаат работа и се пронаоѓаат во домашните проекти во делот на градењето и во делот на инфраструктурата. Но ова е уште еден најголем проект и јас сум убеден дека ќе се пронајдат и ќе можат да излезат на терен, да работат заедно со оваа една од најголемите светски реномирани компании, секако да добијат и дополнително знаење и можности за да понатаму продолжат да се градат овде и надвор од државата на други проекти,“ изјави министерот Бочварски.
Изградбата на Коридорите 8 и 10 д, ќе значат нови 8000 вработувања, нови инвестиции и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години.
Министерот Бочварски во интервјуто посочува дека пенали кон Изведувачот нема да има, исплатата е утврдена согласно програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектот за Коридро 8 и 10 д.
„Во законот и во договорот и во програмата за исплата точно е утврдено кои се ставките кои што ќе бидат исплатени. Но важно е компаниите да влезат на терен да ги реализираат своите обврски кои што ги имаат према државата. Доколку државата не ги смени законите, еве не се донесат законите во Парламентот ние под постојната законска регулатива продолжуваме со работа. И тоа е од исклучително значење да го знаат граѓаните. Не е точно дека државата е обврзан да менува закони. Државата, односно Владата, Парламентот и сите институции можат да продолжат со работа согласно постојната законска регулатива. Доколку се променат законите, доколку овозможиме повеќе работа на терен и се овозможи реализација на проектот согласно Законот за урбанистичко планирање, Законот заградење, за да се овозможи фазно градење тогаш можеме да секако се увериме дека и побрзо ќе оди и реализацијата на проектот”, истакнува министерот Бочварски.