Од 152-та владина седница: утврдени се текстовите на предлог измени и дополнувања на неколку закони, со цел ефикасна и квалитетна реализација на коридорите 8 и 10 д, како градби од стратешки интерес

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница разгледа и утврди и предлог измени и дополнувања на неколку закони, коишто се однесуваат на овозможување ефикасна и квалитетна реализација на коридорите 8 и 10 д, како градби од стратешки интерес, а коишто ќе бидат доставени на усвојување од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

Владата на денешната седница  го разгледа и утврди текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.

Со предлозите за измена и дополнување, според посоченото од Министерството за финансии, се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги којшто е извршен кон Инвеститорот од страна на Стратешкиот партнер, како и прометот кон инвеститор за цели на проектот од овој закон.
Разгледан е и утврден е и текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација.

Со предложените решенија, како што е објаснето од Министерството за финансии, се овозможува поефикасна примена на Законот за експропријација, а  за реализација на градби коишто се од стратешки интерес за државата.

Владата, како што е посочено, ја промовира регионалната соработка со ставање главен акцент и меѓународната димензија на сите видови транспорт, преку развој и модернизација на транспортната инфраструктура, заедно со проширување на Основната и сеопфатната мрежа ТЕН-Т. Посветена е на подобрување на транспортната инфраструктура и има преземено активности, пред сè во насока на изградба на делови што недостасуваат и санација на постојната транспортна мрежа, дел од основната мрежа на европските транспортни коридори. 

Односно, транспортните политики на државата се засноваат на интеграција со регионот, како и поврзување на регионот со земјите членки на Европската Унија, што е стратешка определба, усвоена и во Националната транспортна стратегија 2018-2030.

Владата го разгледа и утврди текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Со предложениот текст, како што е образложено од Министерството за транспорт и врски, се овозможува нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведување на тој урбанистички проект.

Разгледан и утврден е и текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Закон за градење.

Со измените и дополнувањата на овој закон, според образложението од Министерството за транспорт и врски, се утврдуваат посебен вид на градби, градби од стратешки интерес и тоа: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби - утврдени како градби од јавен интерес, од национална важност, со посебен закон или одлука на Владата. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.

Владата го разгледа и утврди и текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.

При примената на законските одредби коишто се однесуваат на прекувремена работа, како што е објаснето од Министерството за труд и социјална политика, укажана е потребата од донесување одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела.

Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти  согласно Законот и Колективниот договор. Согласно со Законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор.

Владата, на денешната седница, на предлог на Министерството за одбрана, ја разгледа и усвои и Информацијата за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата “Immediate Response – 23“ и донесе таква Одлука. Станува збор за персонал и материјално-технички средства на странски вооружени сили од Соединетите Американски Држави, Република Албанија, Црна Гора и Република Косово на територијата на Република Северна Македонија кои доаѓаат во нашата држава заради учество во оваа вежба.