Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во интервју за Гласот на Америка говори дека членството на Северна Македонија во ЕУ, треба да биде надпартиска обврска и одговорност на сите општетсвени чинители во земјата.
„Ние апсолутно сме земја која ги остварува своите стратешки цели, благодарение на одлуките кои што лидерството на државата во одредени моменти ги има носено. Вие знаете дека нашите внатрешни односи ги имаме уредено врз основа на Охридскиот рамковен договор и ние сме пример за држава во која етничките и сите други односи се уредени на највисоко ниво.
Второ, со договорот од Преспа обезбедивме членство на земјата во НАТО, а минатата година со прифаќањето на преговарачката рамка ги започнавме преговорите со ЕУ. Сега, од нас зависи носењето на следните одлуки во однос на што побрзо зачленување на државата во ЕУ.
Тоа е обврска на сите членови на парламентот, на сите политички партии бидејќи ова се натпартиски одлуки од кои зависи иднината на генерациите, на сегашната и на идните и подобриот живот кој со тоа се обезбедува за сите граѓани“, оцени премиерот Ковачевски во интервју за Гласот на Америка.
Премиерот во интервјуто вели дека Северна Македонија, веќе има 45 отсто усогласено законодавство со ЕУ, а скрининг процесот тече исклучително добро според извештаите кои ги добиваме од Брисел, што е реалност земјата во 2030 да стане членка на ЕУ.
„Јас го истакнав тоа дека доколку имаме политичка волја, храброст од страна на сите политички партии до 2030 година Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ“, рече меѓу другото, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за Гласот на Америка за време на неговата работна посета на САД.