МОН и МТСП со осуда на сексуалното злоставување ученици во Демир Капија

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика (МОН и МТСП) го осудуваат актот на сексуално злоставување ученици од страна на директорот во основното училиште во Демир Капија.

МОН соопшти дека Државниот просветен инспекторат  го посетил училиштето и разговарал со наставниците. Комисија од МТСП составена од стручни лица од повеќе инситуции исто така ќе го посети училиштето и ќе разговара со наставниот кадар и учениците.
 
- МТСП во рамки на своите надлежности веќе реализира едукативни работилници за препознавање и борба против педофилија. Во рамките на оваа едукација се опфатени 126 средни и основни училишта во Република Македонија. Работилниците се спроведуваат со цел  препознавање на сексуалната злоупотреба и педофилија. Иницирани се од Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст, а вклучено е и Министерството за образование и наука, односно, наставниците, училишните психолози и педагози и советите на родители. Исто така, да потсетиме дека беше донесен Закон за посебен регистар на сторители на кривично дело сексуална злоупотреба и педофилија, а наскоро се очекува регистарот да биде и јавно објавен, се вели во соопштението и се додава дека сето тоа е во функција на намалување на случаите на сексуална злоупотреба на деца и педофилија.