Министерот Попоски се сретна со канадскиот амбасадор Роман Вашчук

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со Роман Вашчук, амбасадор на Канада за Република Македонија, со седиште во Белград.

На средбата, како што соопшти МНР, е констатирано дека постои взаемен долгорочен интерес за понатамошно интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Канада, како и за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе области, особено на економски и на планот на привлекување канадски инвестиции, за што постојат одредени најави од канадската страна за претстојниот период.

Во тој контекст, разгледани се можностите за унапредување на договорната правна рамка меѓу двете држави, преку што поскоро склучување на договорите од економската област, како и веќе покренатата иницијатива од македонска страна за склучување Договор за воздушен сообраќај со Канада.

Посебен акцент е ставен на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, во контекст на интеграциите во НАТО.

Министерот Попоски изразил благодарност за досегашната принципиелна канадска поддршка за евроатлатската интеграција на Македонија, како и очекувањето за натамошна, засилена поддршка од Канада во рамки на Алијансата.