Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на промоција на книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост“ на авторот Теодор Богоевски, кој е советник на премиерот Ковачевски, надлежен за лицата со попреченост.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„На почетокот сакам да упатам искрени честитки на авторот Теодор Богоевски за неговото научно дело „Политичката партиципација на лицата со попреченост“. Драго ми е што тука со нас се и дел од другите колеги во Владата кои што работат како дел од тимот, посебно на политики за унапредување на правата на лицата со попреченост и на други и заедници и региони во државата на кои што им е потребна поголема помош од колку на можеби некои други.
Јас со Тео долго имам разговарано за неговата книга, тој е мој колега, тој работи во Владата, за што ќе кажам и подоцна, што се имаме направено заедно.
Сакам да му честитам на Тео на исклучителниот напор и вложена енергија во создавањето на ова негово дело и му посакувам многу успеси во неговата понатамошна професионална и академска кариера.
Во оваа книга е преточен трудот на Тео од неговата магистерска теза. Сакам да ја споделам мојата радост од веста дека тој од неодамна се стекна со научно звање магистер по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и тоа со највисок просек 10. Што значи дека Тео е пример за тоа како треба да изгледа еден студент, и на кој начин треба да ја гради својата академска кариера. Доколку Универзитетот има повеќе такви истражувачи, доколку има повеќе такви посветени луѓе на науката, на пишувањето, на истражувањето тогаш сигурно дека и рејтингот на меѓународните рангирања на нашиот најголем Универзитет ќе биде повисок од тоа што е денес. Неговиот личен, неверојатен успех и покрај најтешкиот степен на телесна попреченост е несекојдневен пример и мотивација за секого, а се надевам ќе мотивира и повеќе лица со попреченост да се вклучат во високото образование и воопшто во сите степени на образование.
Особено ми е драго што Тео е дел од мојот тим и што како советник за лицата со попреченост во Владата на Република Северна Македонија, ни помага во креирање политики за подобрување на животот на лицата со попреченост и остварување на нивните права во сите сфери на општеството.
Јас сум истовремено и претседател на СДСМ, и дел од организациската структура на партијата се и стручните комисии, кои што работат на подготвување на програма, на анализа, на она што се случува во општеството. Многу ми е драго што ИО и ЦО на партијата, пред извесно време донесоа одлука комисијата за еднакви можности која што работи токму на вакви програми, анализи, организирање на трибини, донесе одлука токму Тео Богоевски да биде претседател на таа комисија. Тоа е уште една потврда дека знаењето, залагањето, академските вредности на крајот на денот секогаш доаѓаат до израз.
Неговата книга носи и животна вредност од посебна важност за сите нас, за да не потсети колку лицата со попреченост се инспирација за секој од нас, како и за тоа колку е важно тие да бидат активно вклучени во одлуките кои се однесуваат и влијаат на нив и нивниот живот.
Преку научните согледувања во своето дело „Политичката партиципација на лицата со попреченост“, Тео ја издигнува важноста на положбата и правата на лицата со попреченост, кои во нашето општество последниве години стануваат се повидливи и погласни, што се должи, меѓу другото и на нашата посветеност за активен ангажман на овие лица, како што е тоа ангажманот на Тео во носењето на владините политики.
За мене ова дело претставува исто така повик до сите нас да ги вложиме нашите напори и преземеме чекори за поголемо активно вклучување на лицата со попреченост во процесите од нивен интерес затоа што тие ја имаат уникатната способност да ги лоцираат системските бариери.
Како Влада, изминатиот период креиравме политики и мерки, со цел исполнување на нашите заложби и посветеност кон општествената кохезија, почитување на различностите, обезбедување еднаквост и еднакви можности, социјална правда и вклученост на сите чинители во носењето одлуки кои ги засегаат нив.
Во таа насока, наскоро очекувам усвојување на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030, која во наредниов период би требало да биде разгледана на владина седница.
Во оваа прилика дозволете ми само да посочам на дел од мерките со кои обезбедуваме поддршка на лицата со попреченост и со кои покажавме дека се грижиме и имаме слух за нивните потреби. Во тие мерки и активности секако дека и Тео, заедно со неговите колеги учествуваше во нивното конципирање и во нивното спроведување. Ќе споменам само некои од нив.
Согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, ги унапредуваме услугите со цел целосно независно учество на лицата со попреченост во општеството.
Мрежата на лиценцирани даватели на услуги е зголемена за 82 субјекти. Најголем дел од давателите се даватели на социјални услуги за лица со попреченост. Буџетот на Министерството за труд и социјална политика и сакам да ја поздравам министерката за труд и социјална политика бидејќи таа 20 години од својата кариера го посвети токму во ресорот на трудот и социјалата, буџетот е неколкукратно зголемен и тоа за 2022/2023 година околу 117 илјади евра (7,2 милиони денари).
Воспоставени се околу 55 станбени единици за живеење со поддршка на лица сместени во институции. Нема повеќе деца во институции, сите живеат во заедницата, меѓу нас и се наши соседи.
Со новиот Закон за основно образование промовиравме целосна инклузија, посебните училишта се трансформирани во ресурсни центри кои даваат поддршка на редовните основни училишта. Го зголемивме бројот на образовни асистенти, кои што во минатото и не постоеја, и тоа од 500 на 720, а со тоа и го зголемивме и буџетот на Министерството за образование и наука за дополнителни 350 милиони денари за 2022/2023 година. Со Уредба на Владата, лицата со попреченост се ослободени од партиципација за студирање и со оваа мерка, очекуваме зголемување на бројот на студенти на високо-образовните институции, бидејќи Тео е најдобар пример бидејќи без разлика на телесна попреченост може да се биде најдобар на Универзитет, а на магистерските студии на „Јустинијан Први“, најдобар студент е Тео Богоевски.
Мојата лична заложба за непречен пристап до правото на образование за сите, која ја најавив пред неколку месеци, веќе станува реалност. За оваа година се обезбедени средства за низа градежни активности во 40 училишта, каде е предвидена реконструкција и адаптација на просторот за учениците со попреченост преку поставување на пристапни рампи, адаптација на тоалети и други активности со цел да се овозможи нивно непречено функционирање во училиштата. Инвестицијата ќе се реализира во вкупно 118 училишни објекти, од кои дел ќе бидат опфатени годинава, а дел следните години.
Се разбира, секогаш може подобро и повеќе. Затоа сме тука. За да ги активираме сите свои потенцијали и да помогнеме за подобро утре на лицата со попреченост и нивно поуспешно интегрирање на најразлични нивоа во нашата држава која ја претвораме во дом за сите-со еднакви права и еднакви можности.
Јас ја имав можноста пред да станам претседател на Владата, заедно со професорите од Филозофскиот факултет да работам на еден исклучително важен проект, а тоа беше вклучување на лицата со попреченост во производство на храна, тоа беше поддржано од Шведската амбасада и од шведската Влада и навистина ми е драго што тој проект на крај вроди со плод, да денес имаме лица со попреченост кои што произведуваат, кои што се вклучено во пазарот на продажба на тие производи, и што ќе претставува дополнителен поттик и други да се вклучат, бидејќи јас секогаш го повторувам од почетокот она што ќе го кажам и сега, кога се има фокус и кога се има посветеност тогаш нема недостижна цел.“