Да бидеш лидер во својата струка, а истовремено и да ги поставуваш темелите за изучување на е-бизнисот како гранка од економијата, пред сè значи да имаш визија и смелост да чекориш по трнливиот пат, за да можеш да создадеш стручни лица кои ќе го предводат тргувањето на пазарот на стоки и услуги користејќи ги современите дигитални алатки. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на одбележувањето на јубилејот по повод 20 години Е-бизнис департман при Економски факултет-Скопје.
„Со брзиот технолошки развој и особено со развојот на интернетот и социјалните медиуми, компаниите се исправени пред предизвикот континуирано да се прилагодуваат на тие промени и да бидат генератори на иновации и нови бизнис модели базирани на технологии, со цел да држат чекор со конкуренцијата на домашниот и меѓународниот пазар. Дигиталната трансформација на работењето е од клучно значење за постигнување деловен успех, но и за опстанок во глобалното и динамично окружување и во приватниот и во јавниот сектор“, рече Шаќири.
Клучната алка, напомена министерот, за реализација на овие стратегиски активности е стручниот и компетентен кадар кој ќе може во целост да одговори на овие предизвици.
„Креирањето кадри, подготвени да одговорат на модерното денешно време, ми дава за право да изразам огромна благодарност за Вашето досегашно залагање, но и порака до еден од најстарите факултети во земјава, Економскиот факултет да продолжи по својот пат, да биде инвентивен во студиските програми и носител на промените“, изјави министерот Шаќири.